Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип беше домаќин на значаен меѓународен состанок во рамки на Европската универзитетска алијанса ACE²-EU, на кој присуствуваа ректори, институционални координатори и претставници од девет партнерски универзитети од Европа.
Ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, истакна дека во тек се клучни активности за финализирање на правната рамка на алијансата, со цел нејзино долгорочно функционирање.
„Во моментот ги разгледуваме оперативните и организациските активности околу формирањето на заедничкото правно лице, вклучително и дефинирање на Статутот, потпишување на договорите и усогласување со европските регулативи за заштита на лични податоци“, изјави Мираковски.
Тој додаде дека процесот е во напредна фаза и дека се очекува правното лице да биде регистрирано во Брисел, со оглед на специфичната правна рамка во Белгија.
„Верувам дека веќе во текот на наредната година ќе имаме функционално правно лице, што ќе овозможи понатамошен развој на Алијансата“, нагласи ректорот.
Паралелно со институционалното зајакнување, Алијансата работи и на развој на заеднички студиски програми.
„Планираме да започнеме со докторски студии во областа на здравството, веќе имаме 13 заеднички апликации, од кои три се во напредна фаза. Фармацијата е најдалеку во процесот и наскоро очекуваме конкретни резултати“, посочи Мираковски.
Ректорката на Универзитетот за применети инженерски науки во Каунас, Литванија, проф. д-р Лина Гирдаускиене, ја нагласи важноста на европските универзитетски алијанси како механизам за создавање додадена вредност во високото образование.
„Креирањето на европските универзитетски алијанси претставува значајна додадена вредност. Со заеднички европски ентитети создаваме синергија, кохезија и подобро ги користиме ресурсите на нашите институции“, истакна Гирдаускиене.
Таа додаде дека и покрај разликите меѓу земјите, заедничките европски вредности се клучниот обединувачки фактор.
„Обединувањето во европските вредности е она што нè води. Сплотувањето на различни култури и традиции нè поттикнува да работиме заедно и да ги надминеме разликите“, рече таа.
Одржливост и долгорочна визија на Aлијансата
Од аспект на долгорочната одржливост, проректорот на Медицинскиот универзитет во Гдањск, Полска, проф. д-р Михаил Маркушевски, истакна дека формирањето на заедничко правно тело е клучен чекор кон трајно институционализирање на соработката.
„Целта е ова зближување помеѓу универзитетите да стане трајна вредност. Иако иницијативата е моментално финансирана од Европската комисија, нашата намера е да ја направиме одржлива и по завршувањето на овој период“, изјави Маркушевски.
Тој нагласи дека преку заеднички апликации за нови проекти и со седиште во Брисел, Aлијансата ќе продолжи да се развива.
„Преку конституирање на заедничко тело ќе можеме заеднички да аплицираме на нови проекти и да го одржиме ова партнерство на долг рок“, додаде тој.
Во рамки на тридневната агенда, учесниците дискутираа за подобрување на мобилноста на студентите и академскиот кадар, развој на заеднички студиски програми, како и интеграција на нови активности во рамки на Aлијансата.
Особен акцент беше ставен на креирање заеднички стандарди, мониторинг механизми и алатки за унапредување на образовните процеси, како и на развој на нови можности за студентска размена, практикантство и докторски студии.
Ректорите денес потпишаа и меѓусебни договори, со цел полесно формирање на заедничкото правно лице и Статутот на тој орган.
Настанот потврди дека УГД активно учествува во европските образовни процеси и се позиционира како релевантен партнер во развојот на иновативни модели на високо образование во Европа.


