Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип доби позитивно мислење и оценка за својата работа во академската 2024/2025 година од страна на Собраниската комисија за образование, наука и спорт.
На 20. седница на Комисијата, одржана на 5 февруари 2025 година, проректорот за инвестиции и развој, проф. д-р Дарко Лазаров, го презентираше Годишниот извештај за работа на ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Во присуство на пратениците – членови на Комисијата и претставници на Министерството за образование и наука (МОН) беше истакнато дека Универзитетот зад себе има исклучително успешна година, со целосна реализација на наставно-образовните и научноистражувачките активности.

Посебно беше потенциран успехот во интернационализацијата и европската ориентација на Универзитетот, преку активното учество во Европската универзитетска алијанса ACE2-EU, како и преку вклученоста во бројни европски проекти и иницијативи.
Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип се позиционира како најуспешна брзорастечка високообразовна институција во државата, која нуди современо и квалитетно образование за студентите, силна научноистражувачка ориентација и активна соработка со индустријата и приватниот сектор, со значаен придонес кон економскиот и општествениот развој на државата.

Истовремено, Универзитетот со својот придонес и активно учество во проекти со општествено значење и со силната поддршка за спортот и културата станува препознатлива институција која се грижи и посветува големо внимание кон пошироката заедница.
Позитивната оценка од страна на Собраниската комисија претставува потврда за развојниот капацитет и институционалната стабилност на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.



