Во организација на Институтот за историја и археологија (ИНИСА) при Факултетот за образовни науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во соработка со повеќе домашни и меѓународни партнери, од 18 до 20 септември 2026 година во Охрид се одржа Вториот меѓународен научен симпозиум за теоретска медитеранска археологија „Лихнида“.
Овој престижен настан уште еднаш ги позиционира Охрид и Македонија како значајни меѓународни центри за проучување на медитеранската и теоретската археологија, потврдувајќи го угледот на македонските научници и меѓународната вмреженост на Универзитетот „Гоце Делчев“.
Врвни светски имиња и богата научна програма
Годишниот симпозиум, насловен „Медитеранската археологија помеѓу империите и империјализмот“, собра 45 предавачи од земјава и од светот, како и бројни студенти и постдипломци од УГД. Учесниците имаа можност да следат врвни анализи и најнови резултати од археолошките истражувања.
Свеченото отворање се одржа во Галеријата на икони во Охрид, каде што со соодветни обраќања се обратија деканот на ФОН, проф. д-р Трајче Стојанов, раководителот на ИНИСА и директор на Симпозиумот, проф. д-р Љубен Тевдовски, како и членовите на меѓународниот научен одбор: проф. д-р Емануела Борџа од Универзитетот „Сапиенца“ (Рим) и д-р Родерик Салисбери, уредник на The European Archaeologist и соработник на Австриската академија.
Пленарни предавања одржаа еминентни светски авторитети:
- Фелипе Киадо Боадо, поранешен претседател на Европската асоцијација на археолози;
- академик Мигуел Џон Вершлаус, раководител на Институтот за класична и медитеранска археологија при Универзитетот во Лејден;
- проф. д-р Стојко Стојков, член на МАНУ надвор од работниот состав и професор на ФОН;
- проф. д-р Митко Панов, директор на Институтот за национална историја.
Значајни обраќања имаа и проф. д-р Катарина Рибау-Салисбери (Универзитет во Виена), проф. д-р Ендрју Гарднер (University College London), како и директорите на клучните институции за заштита на културното наследство во Македонија. Посебен придонес со специјално обраќање и прием на гостите во својата резиденција даде митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, г. Георгиј.
Научните сесии се одвиваа на автентични локации на охридската архитектура и култура – Меморијалната куќа на Христо Узунов, Меморијалната куќа на Григор Прличев и Куќата на Робевци, каде што беше и свеченото затворање.
Во рамките на престојот од 14 до 21 септември, меѓународните професори и експерти, предводени од тимот на ИНИСА, посетија повеќе археолошки локалитети, остварија средби во Министерството за култура и туризам и во низа музеи, при што беа договорени и идни научни соработки и меѓународни проекти.


