Search
|     contact@ugd.edu.mk

Мојот пат кон успехот со УГД – Фарие Исмаилова

Споделете

Име и презиме: Фарие Исмаилова.
Факултет и студиска насока: Факултет за образовни науки – насока Одделенска настава.
Животно мото: Да се гради иднината преку знаење, љубов и посветеност.

Уште од мали години во мене се роди желбата да бидам одделенски наставник. Со години ја негував таа љубов кон учењето, книгите и децата, и секогаш со восхит гледав на наставниците кои беа дел од моето школување. Тие беа моја инспирација, а училницата – мојот сон. Се сеќавам на мојот прв цртеж што го нацртав како наставничка која стои пред табла и им предава на учениците. Тој цртеж не беше само детска игра, туку прво визуелно претставување на мојот сон. Можеби оваа љубов кон образованието ми доаѓа и од дома, бидејќи и моето семејство е составено од наставници. Од нив научив колку е вредно, но и благодарно, да се биде наставник.

Кога дојде време да одлучам за мојата идна професија, изборот беше јасен – се запишав на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Бев неизмерно возбудена и среќна – конечно ми се остваруваше долгогодишната желба да станам наставник. Се запишав на факултетот во учебната 2021/2022 година и тоа беше почеток на едно навистина значајно патување за мене. Првите три години бев редовен студент, активно присуствував на предавањата и бев вклучена во активностите. Последната година ја продолжив како вонреден студент. И покрај тоа, продолжив со истата посветеност и желба за успех како и претходно.

Сега, кога веќе сум на крајот од четврта година, можам со гордост да кажам дека сум благодарна за сè што доживеав и научив. Професорите секогаш беа коректни и пријатни, со голема посветеност објаснуваа и ни го пренесуваа своето знаење на јасен и разбирлив начин. Учевме како да подучуваме, како да комуницираме со ученици, родители и колеги, и како да создадеме средина во која секое дете ќе се чувствува прифатено и охрабрено.

Практиката на УГД, како составен дел од студиите, ја реализирав под менторство на проф. д-р Ирена Китанова во ОУ „Панко Брашнарот“ – Велес, мојот роден град. Во училиштето се сретнав со ученици од различни нации – Македонци, Турци, Албанци, Бошњаци и Роми. Она што особено ме воодушеви беше тоа што сите ученици беа прифатени подеднакво и се дружеа меѓусебно без никакви предрасуди. Тоа создаваше една топла, пријателска и поддржувачка училишна средина.

Од првиот ден децата ме прифатија не како студентка, туку како нивна наставничка. Тоа нивно однесување и доверба ме направија исклучително среќна и ми дадоа дополнителна мотивација да се посветам на наставата. Наставата се реализираше на македонски јазик и беше вистинско задоволство да се биде дел од еден толку разнолик, но хармоничен колектив.

Мојот рецепт за успех се состои од: Љубов кон професијата, посветеност и поддршка од семејството и од професорите.

Најголеми предизвици на патот до успехот ми беа: Да се стекнам со практично искуство и самодоверба за работа во вистинска училница.

Од студиите на УГД за развој на успешна кариера најмногу ми помогна: Стручноста и поддршката од професорите, како и реалната пракса во училиште.

Факултетот и насоката ги избрав затоа што: Уште од дете сакав да бидам наставник, а наставничката професија ја сметам за повик, не само за работа.

Како клучна предност на студиите на УГД ги издвојувам: Достапноста на професорите, квалитетната пракса и поддршката при секоја фаза од образованието.

Совет за младите како идни студенти: Следете ги вашите соништа – тие знаат каде треба да ве однесат.