Search

Факултетот за образовни науки и „Просветно дело“ со донација за градинката „Астибо“

Споделете

Факултетот за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, во соработка со Издавачката куќа „Просветно дело“ – Скопје, реализираше донација на книги, сликовници, боенки и други едукативни материјали за потребите на Детската градинка „Астибо“ во Штип.

Активноста е дел од пошироката соработка насочена кон поттикнување на читањето кај најмладите и унапредување на воспитно-образовниот процес.

Донацијата беше проследена со работилница за децата, чијашто цел е книгата и читањето да им се доближат на најмладите уште од предучилишна возраст, преку непосреден контакт со книгата, илустрацијата и пишаниот збор.

Деканот на Факултетот за образовни науки, проф. д-р Трајче Стојанов, истакна дека иницијативата е реализирана во рамките на соработката со „Просветно дело“, како дел од заложбите на Факултетот и партнерските институции да придонесуваат кон заедницата.

– Започнавме една иницијатива под покровителство на Факултетот за образовани науки, во соработка со „Просветно дело“. Подготвивме една скромна донација за градинката. Со тоа и Факултетот и „Просветно дело“ се покажуваат како општествено одговорни, а на еден начин ја продлабочуваме соработката – истакна Стојанов.

Тој посочи дека Факултетот има воспоставено долгорочна соработка и со „Просветно дело“ и со Детската градинка, најавувајќи продолжување на партнерството и реализација на активности од заеднички интерес.

– Оваа донација е мал прилог во тоа, но се разбира, соработката ќе продолжи и во иднина и се надевам на заеднички бенефит на сите инволвирани страни – додаде деканот Стојанов.

Директорката на Детската градинка „Астибо“, Ивана Ангеличкова, изрази благодарност за донацијата и истакна дека активноста претставува можност книгата да им биде доближена на децата уште од најрана возраст.

– Особено сме горди што придонесуваме од најмала возраст децата поблиску да ја допрат, да ја видат илустрацијата и да го слушнат напишаното во книгата – рече Ангеличкова.

Таа посочи дека донацијата ќе придонесе за обновување и збогатување на библиотечниот фонд во градинката, со цел да се следат новите изданија и да се создадат подобри услови за воспитно-образовна работа.

– Донацијата претставува поттик за работа, обновување на библиотечниот фонд на нашите детски градинки, со цел да ги следиме сите новитети и да придонесеме за подобро образование на дечињата – истакна директорката.

Проф. д-р Снежана Мирасчиева од Факултетот за образовни науки ја истакна долгогодишната соработка меѓу Факултетот, детските градинки и Издавачката куќа „Просветно дело“.

– Ова е уште еден облик на соработка меѓу Факултетот за образовни науки, градинките и Издавачката куќа „Просветно дело“, а соработката трае повеќе од три децении, всушност од формирањето на некогашниот Педагошки факултет, па Факултетот за образовни науки, и во последните 19 години Универзитет „Гоце Делчев“ – истакна Мирасчиева.

Таа посочи дека низ различните форми на соработка заеднички се работи на поддршка на печатениот збор, промовирање на читањето, активирање на студентите и унапредување на воспитно-образовниот процес.

Во конкретната активност, како што истакна Мирасчиева, донацијата е насочена кон Детската градинка „Астибо“, која со години е партнер и соработник на Факултетот за образовни науки.

– Ова е уште еден облик со цел да ја збогатиме содржината на соработката – нагласи Мирасчиева.

Ксенија Маказлиева од „Просветно дело“ истакна дека идејата на долгогодишната соработка е да се поврзат практиката, универзитетите и издавачите, со заедничка цел – создавање квалитетни изданија за деца и поттикнување на интересот за книгата.

Активноста во Штип е продолжение на кампањата „Читањето во ерата на екраните, битка меѓу книгите и алгоритмите“, во чии рамки во мај беше организирано советување на кое беа споделени добри практики за тоа како воспитувачите и родителите да им ја доближат книгата на децата.

– Освен советувањата каде што се споделија добри практики, еве веќе поминуваме на практични искуства, со една донација под покровителство на Факултетот за образовни науки да дадеме свој придонес, да бидеме општествено одговорни, и она што е најважно – да ги вратиме децата кон читањето – истакна Маказлиева.

Таа посочи дека кај децата од предучилишна возраст особено е важна улогата на родителите во создавањето навика за читање, преку заедничко читање, вклучително и пред спиење.

– Многу е важно да делуваме на родителите, да ги потсетиме дека и тие треба да им читаат на децата, особено пред заспивање, и на тој начин да се гради навиката понатаму да ги регрутираме во читателска армија, да бидат присутни во библиотеките – рече Маказлиева.

Во реализацијата на активноста учествуваат Библиотеката „Гоце Делчев“ – Штип, Детската градинка „Астибо“, Факултетот за образовни науки при УГД и „Просветно дело“.

Иницијативата претставува пример за поврзување на високото образование, предучилишните установи, библиотеките и издавачката дејност, со заедничка цел – создавање средина во којашто книгата и читањето ќе имаат свое место уште од најраната возраст.

За Факултетот за образовни науки ваквите активности се и можност студентите и идните воспитувачи да се поврзат со практиката, а истовремено да се даде конкретен придонес кон унапредувањето на воспитно-образовниот процес во локалната заедница.