Економски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ денес беше домаќин на високи претставници од Светска банка, кои пред студентите, професорите и истражувачите го презентираа најновиот извештај за економскиот раст и пазарот на труд, насловен „Северна Македонија: Излез од стапицата на среден доход“.
Настанот беше можност академската заедница директно да се запознае со клучните економски анализи, структурни предизвици и препораки за иден одржлив развој на домашната економија.
Проректорот за развој, инвестиции и одржување при УГД, проф. д-р Дарко Лазаров, истакна дека организирањето вакви настани во соработка со меѓународни институции е од суштинско значење за стекнување практични и применливи знаења на студентите, како и за валидација на научните истражувања на наставниот кадар.
„Она што е битно за нас како факултет и универзитет е дека преку ваков тип настани, особено со нашите партнери како што е Светска банка, покажуваме дека сме силно поврзани со сите релевантни чинители во општеството. Ова е во директна корист на нашите студенти — покрај теоретските знаења, да слушнат анализи кои се важни за државата од аспект на можностите за иден развој, вработување и отворање нови бизниси. Истовремено, им овозможуваме и на нашите професори да се поврзат со овие институции и да ги валидираат своите научни резултати во областа на економијата“, истакна проф. д-р Лазаров.
Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист во Светска банка, за време на своето обраќање појасни дека извештајот нуди детална аналитичка рамка за тоа како да се забрза економскиот раст и да се создадат поквалитетни и подобро платени работни места. Според анализите, доколку се спроведе предложената реформска агенда, државата може да оствари значителен скок во економскиот напредок и конвергенцијата кон европскиот животен стандард.
„Извештајот ја споредува Македонија со другите земји, ги детектира структурните слабости на економијата и дефинира чекори за нејзино забрзување. Особено е значајно што реформската агенда која ја предлага студијата покажува дека просечниот економски раст може да се забрза од 2,4 % на 3,8 % до 2050 година. Тоа во следните две децении би ја довело земјата до околу 75 % од просекот на ЕУ-27 во однос на нивото на доход и доближувањето до стандардот на Европската Унија“, нагласи Маџаревиќ-Шујстер.
Со овој настан, Економскиот факултет и Универзитетот „Гоце Делчев“ уште еднаш ја потврдија својата отвореност кон глобалните институции и посветеноста кон создавање современ образовен процес усогласен со реалните економски трендови.


