Третиот уписен рок на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип се реализира денес и утре (17 и 18 септември). Слободни се 1.546 места за редовни студенти во државна квота и 820 за редовни студенти во квотата со кофинансирање. Кога станува збор за вонредно студирање, овде има слободни места за 756 студенти.
Инаку, по завршувањето на првиот и вториот уписен рок, интересот според бројката на досега запишани студенти е поголем од минатата година, а се очекува и завршувањето на третиот рок, како и уписот на странските студенти.
Објавувањето на прелиминарните резултати од Третиот уписен рок е на 19 септември, а на конечните на 24 септември. Запишувањето на примените кандидати ќе се реализира на 25 и 26 септември.
Во наредниот период ќе биде објавен и Конкурсот за запишување на студенти од ранливи категории на граѓани.
Универзитетот „Гоце Делчев“ традиционално го организира првиот академски час за новите студенти на 1 октомври. И годинава, бруцошите свеченоста за првиот академски час ќе ја имаат на платото пред Економскиот факултет на УГД, каде што е лоциран и Мултимедијалниот центар на УГД.