Од 15 до 17 септември 2025 година, во Литванија се одржа Работилница на ACE²-EU алијансата под наслов „Stakeholder Engagement Workshop“, со фокус на зајакнување на заедничките вредности и визијата на Европската Унија и нејзината интеграција во високото образование. Настанот, кој се реализираше во Lietuvos Inzinerijos Kolegija во Каунас, обедини претставници од партнерските универзитети, студенти и академски кадар од цела Европа.
Преку панели и интерактивни работилници се дискутираше како европските вредности можат да се вградат во образовните програми и студентските мобилности, како да се поттикне соработката и како ACE²-EU алијансата може да создаде долгорочно влијание низ своите институции-членки.
Претставниците од УГД активно учествуваа во дискусиите, обработувајќи теми поврзани со европските вредности, инклузијата и мултикултурализмот:
- проф. д-р Јорданка Галева зборуваше за идентитетот, разновидноста, мултикултурализмот и културниот плурализам;
- проф. д-р Даниела Коцева се фокусираше на образованието како пат кон зајакнување на мултикултурализмот и заедничките европски вредности;
- проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска истакна дека интеграцијата на европските вредности во образованието е клучна за градење инклузивна и разновидна академска заедница во рамки на ACE²-EU.
Дополнително, Милкица Миленковска на вториот ден одржа презентација за „Најдобри практики за интернационализација и искуството од мобилностите“, при што го истакна успехот на УГД како национален победник на ESCI првенството за 2025 година.
Настанот покажа дека мобилноста не е само можност студентите и наставничкиот кадар да стекнат нови искуства, туку и стратешки инструмент за градење европска академска заедница. Разговорите беа насочени кон тоа како ACE²-EU може да ја надгради соработката со програмата Erasmus+, овозможувајќи повеќе инклузивни и достапни можности за сите студенти.
УГД преку своето учество уште еднаш ја потврди улогата како активен партнер во европските иницијативи за повисок квалитет на образованието и за промовирање на европските вредности.