На седница на Стручниот колегиум, денес на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип се разговараше за претстојниот период во кој по завршувањето на уписите ќе започне и новата академска година.
Меѓу другото, УГД донесе одлука и за тоа како да функционираат органите и телата кај кои завршува мандатот, а поради локалните избори не може да се изберат и назначат нови лица на тие позиции. Ова се однесува и на позициите проректор за настава и проректор за наука, каде што мандатите им завршија на проф. д-р Мишко Џидров и проф. д-р Зденка Стојановска. Нивните функции, сѐ до моментот на избор на нови проректори, ќе ги вршат актуелните проректори за инвестиции и развој, проф. д-р Дарко Лазаров и за меѓународна соработка проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска. Оваа одлука практично е во интерес на тоа да се обезбеди континуитет во научното и академско делување на Универзитетот.
Седницата на Стручниот колегиум беше прва за новоизбраните декани на факултетите и академиите, кои на своите функции стапија на почетокот од оваа седмица (на 15 септември).
Ректорот проф. д-р Дејан Мираковски изрази задоволство од уписите кои се при крај, потенцирајќи дека има зголемен интерес и број на запишани во однос на минатата година. Пред деканите и членовите на Стручниот колегиум Мираковски истакна дека во наредниот период акцентот треба да биде ставен на квалитетот во образовниот и научниот процес на УГД.