Филолошкиот факултет и годинава ја одбележа Неделата на италијанскиот јазик во светот, под мотото „Италофонија: јазик преку граници“.
„Настанот со наслов ’Смеa преку граници: читање и преведување на Стефано Бени’ е омаж за Стефано Бени, неговиот живот и творештво, читање и дискусија за неговиот препознатлив хумор и предизвиците за преведување на хуморот“, вели професорката Јована Караникиќ од Катедрата за италијански јазик и книжевност. „Оваа година одбележувањето решивме да го посветиме на скоро починатиот автор Стефано Бени, еден од најомилените писатели на студентите низ генерациите и еден од омилените автори во Италија, воопшто. Тоа е, меѓу другото, и поради силната општествена критика којашто е присутна во неговите дела. Целиот тој спој е навистина единствен и заслужува внимание. На овој начин му оддаваме признание, а покрај тоа во разговорот со соговорникот Живко Гроздановски ќе имаме можност да слушнеме и негови мислења и искуства и со преведување на хуморот како специфична карактеристика при пренесување на еден текст од еден јазик во друг, и исто така за современата италијанска книжевност. Благодарни сме како Филолошки факултет за поддршката и соработката што ја имаме со Амбасадата на Италија. Бројни остварени заеднички активности, стипендирани студенти, скоро секоја година дел од нашите студенти престојуваат месец или два во Италија. Со помош на Амбасадата во претходните години успеавме да донесеме врвни имиња тука, а имаме и донација на книги, како и обуки за наставници кои се реализираат секоја година.“

За писателот Стефано Бони говореше Живко Грозданоски, италијанист, писател, преведувач и претседател на Друштвото на писателите на Македонија.
„Денес е настанот посветен на Стефано Бени, современ италијански автор, кој почина пред неколку недели, а на свој начин го одбележа италијанскиот 20 век. Тој е еден од омилените писатели помеѓу студентите, а кај нас е преведена една негова книга со кратки раскази. Денес се читаат негови раскази, јас читам една негова песна, тоа е првата песна што воопшто ја имам преведено, мојот прв книжевен превод.“
Заменик-амбасадорот на Италија во Македонија, Морено Ѕена, истакна дека оваа година Неделата на италијанскиот јазик во светот е посветена на италофонијата, а мотото е „Италофонија: јазик преку граници“.
„Тоа и значи, како се шири италијанскиот јазик и култура надвор од границите, низ светот. Мене, како нов заменик-амбасадор, ми причинува големо задоволство што сум овде и што се одбележува и овде Неделата на италијанскиот јазик. Запознаен сум со оваа соработка со УГД. Целта е да се продолжи таа соработка, а исто така целта е и да се допре до сите места во земјава каде што се изучува и има интерес за италијанскиот јазик. Амбасадата со задоволство ги поддржува сите студенти што сакаат да отидат во Италија, да го учат јазикот и потоа да го вратат знаењето овде. Амбасадата им стои на располагање преку поддршка при посредување за визи и преку нудење на соработки со италијанските универзитети. Скоро учествуваше на изложбата ’Study expo’, каде што беа изложени можностите за студирање во Италија.“


