Search

Средба на студентите од странство со претставници на МВР, Е-индекс и Студентска служба на УГД

Споделете

На Кампус 4 се одржа средба со студентите од странство кои студираат на факултетите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, на која учествуваа и претставници од одделите на МВР кои се задолжени за регулирање на нивниот престој во Македонија.

Целта на средбата е да се надминат сите проблеми и предизвици при регулирањето на престојот на странските студенти за време на студирањето на УГД, а истовремено од претставниците на службите Е-индекс и Студентска служба да се појаснат и прашања околу запишување на семестри, обврските кои ги имаат студентите и од тој аспект на студирањето.

 – Целта е да ги информираме студентите за нивните права и обврски што треба да ги исполнуваат при престојот во Македонија. Како што знаете, лани или преклани имаше некој застој во регулирањето на нивниот престој и еве денес студентите ќе можат да прашаат сѐ што ги интересира, да ги прашаат инспекторите од МВР задолжени за оваа проблематика. Овде се и раководителите на два важни оддела за нив – Е-индекс и Студентски прашања, па и од нив ќе можат да добијат важни информации. Ваква средба имаше пред две-три години и тогаш немаше проблеми при регулирањето на престојот на странските студенти, тие за краток рок ги завршуваа тие обврски. Но, за жал, лани некои студенти задоцниле со регулирањето на престојот, не успеале да добијат документи и од тие причини биле депортирани. Оваа година нема долги чекања. Сепак, целта на оваа средба е да ги разрешиме сите проблеми и навреме да се завршат тие формалности, па дури и тие 40-тина депортирани студенти да се вратат и да продолжат со студирањето. Благодарение на надлежните во МВР редовно се примаат документите и се решаваат во најкраток рокизјави проф. д-р Махмут Челик од Катедрата за турски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет.

Инаку, во моментов на УГД има околу 500 активни странски студенти, повеќето од Турција.