Фондацијата „Конрад Аденауер“ го објави новиот Повик за стипендии, наменет за студенти на додипломски студии (последни семестри), магистерски и докторски студии кои се запишани на акредитирани универзитети во Република Северна Македонија.
Програмата е наменета за млади и талентирани студенти кои, покрај солидни академски резултати, покажуваат интерес и активен ангажман во политичкиот и/или општествениот живот, како и посветеност кон демохристијанските вредности. Целта на програмата е да идентификува и да поддржи поединци со потенцијал за понатамошно вклучување и успех во различни општествени сфери, вклучувајќи ги политиката, бизнисот, науката, медиумите, културата и граѓанскиот сектор.
Фондацијата „Конрад Аденауер“ е политичка фондација водена од принципите на првиот федерален канцелар на Германија. Таа оперира со два образовни центри и 21 образовна институција во Германија, а на глобално ниво имплементира над 200 проекти во повеќе од 120 земји.
Критериуми за аплицирање
Кандидатите за стипендијата треба да ги исполнуваат следниве услови:
- да бидат прифатени на студии на еден од акредитираните универзитети во Република Северна Македонија;
- да имаат солидни академски резултати;
- да познаваат најмалку еден странски јазик;
- да бидат активни во општествениот и/или политичкиот живот;
- да покажат подготвеност за позитивно влијание врз политичкиот, економскиот, образовниот или општествениот развој на земјата;
- да поседуваат потенцијал за достигнување на високи позиции во својата идна кариера.
Потребни документи
За аплицирање потребно е да се достават следниве документи:
- формулар за апликација (достапен на веб-страницата на фондацијата);
- кратка биографија на англиски или германски јазик;
- мотивациско писмо на англиски или германски јазик;
- две препораки, од кои најмалку една од универзитетски професор;
- уверение за завршени додипломски студии (за кандидати на магистерски студии);
- потврда за упис на соодветните студии (може да се достави дополнително).
Само селектираните кандидати ќе бидат поканети на интервју во Фондацијата „Конрад Аденауер“.
Рок и начин на аплицирање
Апликациите може да се достават по пошта, електронски или лично на следнава адреса:
Фондација „Конрад Аденауер“
Ул. „Ристо Равановски“ 8
МК-1000 Скопје
Е-пошта: skopje@kas.de
Крајниот рок за доставување на апликациите е 2 февруари 2026 година. Апликациите пристигнати по овој рок нема да бидат земени предвид.
Дополнителни информации, како и формуларот за апликација, се достапни на официјалната веб-страница на Фондацијата „Конрад Аденауер“.


