Search

Отворен Повик за учество на CreActive Lab – четиридневна лабораторија за јавни политики во Велес

Споделете

Форумот за образовни промени (Forum for Educational Change – FECH), со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан, објави отворен Повик за учество на CreActive Lab, четиридневна експериментална лабораторија за јавни политики и напредна обука, која ќе се одржи од 12 до 15 февруари 2026 година во Велес, Република Северна Македонија.

CreActive Lab е наменет за 20 активни млади лица на возраст од 19 до 29 години од целата држава, со цел зајакнување на нивните вештини за критичко размислување, граѓански ангажман и јавна застапеност.

Програмата е конципирана како практична лабораторија, а не како класична обука. Учесниците ќе работат во мали групи, под менторство, на однапред дефинирани приоритетни прашања кои ги засегаат студентите и младите, со фокус на развој на доказно засновани препораки за јавни политики и креативни јавни интервенции, како што се уметнички и герила-акции (artivism).

Содржина на програмата

Во рамки на 12 структурирани сесии во текот на четирите дена, учесниците ќе имаат можност да:

  • анализираат институционални и јавни политики користејќи алатки за критичко размислување;
  • кокреираат конкретни предлози за политики засновани на реален правен и општествен контекст;
  • истражуваат креативни методи за граѓански ангажман и јавна застапеност;
  • работат со ментори за унапредување и конкретизирање на своите идеи во применливи предлози.

 

По завршувањето на лабораторијата, учесниците ќе имаат можност да формираат неформални групи и да аплицираат на Субгрантинг програмата за студентски иницијативи на Форумот за образовни промени, која обезбедува финансиска и менторска поддршка за реализација на селектираните идеи развиени за време на CreActive Lab.

Кој може да аплицира?

Повикот е наменет за мотивирани млади луѓе кои покажуваат интерес за:

  • активно граѓанство и општествена одговорност;
  • јавни политики и општествени промени;
  • образование и младинско учество;
  • застапување и јавна одговорност на институциите

 

и кои се подготвени активно да учествуваат во целосната програма.

Трошоци и аплицирање

Трошоците за сместување и патување за сите селектирани учесници се целосно покриени од Форумот за образовни промени.

Заинтересираните кандидати треба внимателно да го пополнат апликацискиот формулар, при што доставените информации ќе се користат исклучиво за потребите на процесот на селекција.

Дополнителни информации во врска со Повикот и начинот на аплицирање се достапни на: https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSeHQ_FcP8fK4SIjBNDlU_Y0QVLBQF2hPNfs1rw2OatnEhyKwA/viewform