Search

Проректорот Лазаров: УГД има многу амбициозни планови за инвестиции во следниот период

Споделете

Проректорот за инвестиции и развој на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Дарко Лазаров, гостуваше во емисијата „Што мисли народот“ на ТВ Стар, каде што говореше за инвестициските планови на Универзитетот за 2026 година и стратешките насоки за неговиот иден развој.

Тој истакна дека Универзитетот „Гоце Делчев“ има амбициозни планови насочени кон модернизација на условите за студирање и значително подобрување на условите за научноистражувачка работа на наставничкиот кадар. Дел од инвестициите ќе се реализираат преку сопствени извори на Универзитетот, додека значаен дел ќе произлезе од проектни активности финансирани од домашни и меѓународни извори.

Дополнително, проф. д-р Лазаров се осврна и на интензивирањето на соработката со индустријата, која претставува една од клучните мисии на Универзитетот во насока на создавање додадена вредност за општеството и пошироката заедница. Во тој контекст, тој посочи дека дел од научните резултати и истражувања кои се генерираат во научноистражувачките центри и лаборатории имаат изразена апликативна димензија и се насочени кон решавање на конкретни проблеми и предизвици со кои се соочува бизнис-секторот.

Истовремено, Универзитетот работи активно на основање на универзитетски стартап центар, кој ќе обезбеди соодветна институционална инфраструктура и поддршка за студентите и професорите во процесот на комерцијализација на иновациите, како и во лансирањето на стартап и спин-оф компании.

Во продолжение погледнете го целосното интервју: