Со положување свежо цвеќе на спомен-бистата во дворот на Ректоратот, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип го одбележа 154-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер и идеолог Гоце Делчев.
Свежо цвеќе положи делегација на УГД, предводена од ректорот, а меѓу присутните беа и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, како и претставници на локални и национални институции.
Во рамки на одбележувањето беше организиран и пригоден говор, подготвен и изведен од ученици од средните училишта, со што младите генерации уште еднаш ја потврдија важноста на ликот и делото на Делчев во македонската историја.
Гоце Делчев е еден од највидните водачи на македонското револуционерно и ослободително движење и траен симбол на борбата за независна македонска држава. Хроничарите ќе забележат дека Делчев бил голем човек со уште поголема мисла – со чисто и непроценливо револуционерно дело и со извонреден природен рефлекс за времето во кое дејствувал. Тој останува човечки феномен и вечен завет на македонското национално постоење.
Без сомнение, Гоце Делчев претставува најсветлиот лик на македонското револуционерно дело, со висока човечка доблест, неуморна револуционерна активност и силна мисловна димензија. Се школувал во Солун и Софија, учителствувал во Штип, а целиот свој живот го посветил на создавање и зацврстување на мрежата на ТМОРО и на идејата за независна македонска држава.
Делчев останува запаметен и по својата мисла дека светот го разбирал како „поле за културен натпревар меѓу народите“, визија што и денес ја задржува својата современа и универзална вредност.


