Search

Во март УГД домаќин на ректорите на универзитетите членки на Европската универзитетска алијанса AC2EU

Споделете

Во март, во периодот од 23 до 27 март, УГД ќе биде домаќин на серија активности во рамките на Европската универзитетска алијанса AC2EU, кои произлегуваат од работата на Алијансата.

Еден од настаните ќе биде во насока на утврдување, преглед, во која насока се оствариле мобилностите на студенти и професори досега. Другиот настан е организација на ректорски состанок. На нашиот универзитет ќе престојуваат сите ректори од универзитетите членки на Алијансата. Идејата е да ги утврдиме и поставиме темелите на правниот ентитет на новата европска универзитетска алијанса. Значи, ние како алијанса формиравме конзорциум од девет универзитети, меѓутоа идејата на алијансата и на Европската комисија е да се креира еден правен ентитет, единствен европски универзитет којшто ќе има меѓународен субјективитет и кој ќе може да издава европска диплома на студентите која ќе биде признаена. Практично, преку овој заеднички ентитет ние ќе создадеме заеднички мастер програми, постдипломски и заеднички докторски студии, и понатаму, и заеднички додипломски студии.

Така, во срцето на Штип ќе се одвиваат серија паралелни активности кои ќе внесат новина, нови култури и традиции, се разбира ќе имаме интеракција помеѓу студенти и професори, а ова се поврзува и со нашите активности за одбележување на патрониот празник- 27 март“, изјави проректорката за меѓународна соработка, проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска.

Во поглед на реализацијата на мобилности, како на студенти, така и на наставничкиот и научен кадар, проф. д-р Никодиновска-Крстевска најавува интензивирање во наредниот период.

Првата година е почеток на активностите, востановување на начините на комуникација, и помал број на едукативни активности и можности се остварија. Досега се реализираа десетина вакви настани и можности, така што околу 40-тина студенти имаа можност веќе да учествуваат на некои едукативни школи и размена во Германија, Португалија, Шпанија, Романија… Во следниот период допрва ќе се распишуваат конкурси за вакви едукативни активности. На ниво на целата Алијанса досега беа организирани 120, на различните универзитети. Тие, всушност, почнаа да се реализираат, така што следната година ќе биде одбележана со голема фреквенција на патувања на студенти и на учество. Не се отвораат можности само за патување на наши студенти, туку и кај нас ќе доаѓаат студенти од другите универзитети на едукативни активности, кратки летни школи. Следниот период имаме организација на настани заедно со Општината и со Музејот, и заедно ќе мапираме и ќе трасираме нов туристички развој, нова мапа и нови интересни содржини на градот Штип со помош на студентите, академската заедница и локалните чинители.“