Делегација од Универзитетот „Беира интериор“ (UBI) – Португалија престојуваше во дводневна институционална посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, со цел унапредување на меѓууниверзитетската соработка и отворање нови можности за заеднички академски и истражувачки иницијативи.
Во состав на португалската делегација беа проф. Жоао Леитао, проректор за финансии, административна модернизација и интеракција со заедницата, проф. Бруно Фереира Коста, проректор за интернационализација и институционална комуникација, како и д-р Дина Переира, менаџер на UBIMedical.
Делегацијата најпрвин имаше средба со раководството на УГД, а потоа и со сите декани на факултетите при Универзитетот. За време на средбите со раководството и претставници на факултетите при УГД беа разгледани конкретни можности за продлабочување на соработката. Во фокусот на разговорите беа:
- проширување на Еразмус-договорите (области и број на мобилности);
- развој на заеднички студиски програми, вклучително и можности за двојни дипломи и онлајн курсеви;
- идентификација на заеднички истражувачки области;
- подготовка на апликации за европски фондови и заедничко учество во проекти финансирани од ЕУ.
Посетата претставува продолжение на претходните средби меѓу двете институции и дел од стратегиските заложби на УГД за јакнење на интернационализацијата и позиционирање на Универзитетот во европскиот академски простор.
Од двете страни беше изразена подготвеност за понатамошна интензивна соработка, со конкретни чекори во насока на формализирање на нови договори и иницирање заеднички проектни активности во наредниот период.


