Search

Отворена Меѓународната стартап академија на УГД: Млади од Македонија и Бугарија работат на развој на бизнис идеи

Споделете

Со свечено отворање во просториите на Економскиот факултет при УГД започна тридневната Меѓународна стартап академија, која од 23 до 25 април обединува средношколци и студенти од Македонија и од Бугарија во заедничка работа на развој на иновативни бизнис идеи.

Академијата се реализира во координација помеѓу Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и Американско катче – Штип, со поддршка на Амбасада на САД во Северна Македонија, и претставува платформа за поттикнување на претприемништвото, иновациите и регионалната соработка меѓу младите.

Проректорот за развој на УГД, проф. д-р Дарко Лазаров, истакна дека академијата има за цел да им овозможи на младите не само да стекнат нови знаења, туку и да ги трансформираат своите идеи во реални бизниси.

„Оваа меѓународна стартап академија треба да им овозможи на студентите да слушнат нови концепти за претприемништво и иновации, но и преку интерактивна работа да ги развијат своите бизнис идеи во реални стартапи. Нашата цел е да изградиме екосистем во кој студентите нема само да стекнуваат академски знаења, туку ќе бидат подготвени да станат идни претприемачи и креатори на нови работни места“, изјави Лазаров.

Тој додаде дека Универзитетот веќе работи на развој на стартап центар, како дел од поширока стратегија за поддршка на иновациите и поврзување со потенцијални инвеститори.

Координаторот на Американско катче – Штип, Благој Трајков, посочи дека на академијата учествуваат околу 50 млади кои во текот на трите дена ќе работат на развој и презентација на свои идеи.

„Главната цел е младите да стекнат претприемачки вештини, но и да се поврзат меѓусебно, да разменат идеи и да создадат основа за понатамошна соработка. Ова е второ издание на академијата, но прво со меѓународен карактер“, истакна Трајков.

Учесниците ја оценуваат академијата како значајна можност за стекнување нови искуства и контакти. Средношколецот од Бугарија, Владислав Колев, вели дека е задоволен од приемот и очекува да стекне нови знаења и познанства.

„Се чувствуваме одлично прифатени. Тука сум за да научам нови работи и да запознаам луѓе. Очекувам да работиме заедно и да дојдеме до добра идеја“, изјави Колев.

Сличен став има и средношколката од Кочани, Ања Ситновска, која потенцира дека академијата нуди практични знаења за развој на бизнис идеи.

„Овде можеме да стекнеме знаења за тоа како да основаме сопствен бизнис и како да ја развиеме идејата. Дополнително, создадовме нови пријателства и разменуваме искуства, што е особено важно бидејќи академијата е интернационална“, истакна Ситновска.

Во рамки на академијата, учесниците ќе работат со ментори, ќе ги развиваат своите идеи и ќе ги презентираат пред стручно жири, со цел нивна понатамошна реализација и потенцијално претворање во одржливи стартап бизниси.