На Универзитетот „Гоце Делчев“ официјално беше означен почетокот на проектот за креирање на Интегриран центар за безбедносни операции (SOC) на Западен Балкан.
Ова е проект финансиран од Министерство за надворешни работи на САД и имплементиран од CRDF Global. На настанот ќе се претстават и плановите за основање на Центар за безбедносни операции (SOC) при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, кој ќе работи според меѓународните стандарди за сајбер безбедност.Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип со гордост се приклучува кон Алијансата за воспоставување на Интегриран центар за безбедносни операции (SOC) на Западен Балкан, финансирана од Министерството за надворешни работи на САД и спроведувана од CRDF Global, во рамките на нејзината Програма за дигитална отпорност и сајбер безбедност. Оваа иницијатива ја одразува заедничката определба за градење на доверлива, безбедна и меѓусебно поврзана дигитална средина, усогласена со американските стандарди и стратешки приоритети во областа на сајбер безбедноста.
– Денес го објавуваме почетокот на активностите за формирање на интегриран оперативен центар за безбедност во сајбер просторот во рамки на Универзитетот „Гоце Делчев“, со поддршка на Владата на САД, заедно со компанијата CRDF Global и Универзитетот „Карнеги Мелон“, којшто треба да биде со двојна намена – центар каде што ќе се обучуваат идните кадри во областа на сајбер безбедност и во исто време да прерасне во оперативен центар за поддршка на активностите на полето на сајбер безбедноста. Свесни сме дека со денешното ниво на поврзаност на дигиталниот и реалниот живот, безбедноста во дигиталниот свет станува сѐ поважна, веројатно исто како и безбедноста во реалниот свет. Новите генерации ќе имаат сериозни предизвици и токму затоа преку спојувањето на теориското и практичното знаење, со поддршка на меѓународните партнери, ќе можеме да направиме систем кој ќе биде во служба на општеството. Посебна чест ми е што УГД уште еднаш докажува дека не е само отворен универзитет, туку е активен чинител во градењето на едно поздраво, побезбедно општество. Сигурен сум дека младите луѓе не само од Македонија, бидејќи ова ќе биде регионален центар, ќе имаат можност да добијат навистина квалитетно знаење и компетенции да се справат со проблемите што ги носи новото дигитално време – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.
Центарот ќе биде ден хаб со специјална техничка опрема, но истовремено ќе се направат студиски програми приспособени за користење на таа опрема и ќе може да се добијат теоретско и практично знаење за да се справат со ризиците што се појавуваат при сајбер напади, несоодветните информации кои се шират низ сајбер просторот.
Според министерката за образование и наука, Весна Јаневска, вложувањето во сајбер безбедноста станува приоритет во вакво време, кога дигитализацијата станува составен дел на животот.
– Денес на УГД промовираме нов регионален Центар за сајбер безбедност, на кој ќе се приклучат и Албанија и Црна Гора. Со овој центар ќе овозможиме поголема отпорност на институциите кон дигиталните, односно сајбер заканите, но и ќе создаваме човечки капитал, стручни лица, кои ќе се грижат за нашата безбедност. Она што е значајно за нашата држава е тоа што Македонија е препознаена како земја која има капацитет и каде што ќе се наоѓа првиот регионален Центар за сајбер безбедност во Западен Балкан. Ова е центар кој ги обединува Владата, институциите и академијата која треба да ги развие луѓето кои во иднина ќе работат во МВР и ќе бидат подготвени да одговорат на својата функција – рече министерката Јаневска.
– Ова е центар за одговор на сајбер инциденти во академскиот сектор, кој ќе значи подготовка на кадар со наставни содржини, сертификација на кадри кои доаѓаат од реалниот сектор, но и одговор на сајбер инциденти кои можеби во симулација или во реалност се случуваат во академскиот свет. Огромно е значењето на овој проект за Штип и за УГД, од аспект дека станува збор за регионален центар за одговор на сајбер инциденти во делот на академската заедница. Исклучително е значајно што ова е продолжување и потврда на поддршката од нашиот стратешки партнер, САД, во борбата против сајбер криминалот, а овој академски ЦИРК е уште еден чекор кој ќе го надгради владиниот центар за одговор на сајбер инциденти – истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Според проректорот на УГД, проф. д-р Сашо Коцевски, ова е официјален почеток на проектот за креирање на Интегриран центар за безбедносни операции (SOC) на Западен Балкан. Проект финансиран од Министерство за надворешни работи на САД и имплементиран од CRDF Global.
– Денес се претставија и плановите за основање на Центар за безбедносни операции (SOC) при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, кој ќе работи според меѓународните стандарди за сајбер безбедност. Овој центар не е само капитална инвестиција, односно не е само инвестиција во високотехнолошка и напредна опрема, туку има и една поинаква улога на едукација и образување на високи професионалци и експерти од областа на сајбер безбедноста. Тие ќе се едуцираат според најсовремени, меѓународно прифатени стандарди, водени од професори на УГД во соработка со партнерската мрежа на CRDF Global, како и експерти за софтверско инженерство при Универзитетот „Карнеги Мелон“ во САД, кој е еден од најдобрите во оваа област. Ние веќе почнуваме со оперативни активности и се надеваме дека за кратко време ќе почнеме со подготовка на програмите за акредитации, меѓународно сертифицирани, веднаш потоа ќе почнеме со првата генерација која ќе биде сертифицирана. Паралелно со тоа подготвуваме инфраструктура, набавуваме опрема, и тоа е нешто што е во соработка со нашите партнери, бидејќи тоа е опрема која може да се најде секојдневно на пазарот и која е високотехнолошка и бара посебни услови и за инсталација и за користење. Овој центар не само академска, туку ќе има и оперативна функција, односно ќе помогне во зајакнување на националните капацитети за сајбер безбедност и отпорност, а треба да помогне и во малку поширока регионална и трансатлантска интеграција.
На настанот присуствуваше и в.д. амбасадорката на САД во РСМ, г-ѓа Никол Барнс, која рече дека преку оваа иницијатива се зајакнува образованието за сајбер безбедност на УГД и се усогласува рамката за вештини во ова поле во Северна Македонија со меѓународните стандарди и се поттикнува поблиска координација меѓу академијата, Владата и меѓународните партнери.
– Секако, овој напор е дел од поширока и продлабочена соработка. На нашиот неодамнешен стратешки дијалог ја најавивме и програмата Фалкон, за зајакнување на дигиталната инфраструктура во владините институции. Овие иницијативи ја зајакнуваат нашата заедничка посветеност на отпорноста, подготвеноста и колективната одбрана. Заканите во сајбер просторот не познаваат граници. Како сојузници, нашата безбедност е меѓусебно поврзана. Заеднички можеме поефикасно да ги предвидиме, спречиме и одговориме на предизвиците – рече в.д. амбасадорката Никол Барнс.
На настанот присуствуваа и претставници на компанијата CRDF Global, како и пратеници во Собранието на РСМ.


