Search

Со „Ден на денарот“ одбележани 34 години од воведувањето на македонскиот денар

Споделете

Петти пат по ред, Катедрата за финансии на Економскиот факултет при УГД го организира настанот „Ден на денарот“, во чест на одбележување на 34 години од осамостојувањето на денарот како македонска валута.

„Задоволство ми е што Економскиот факултет го означува Денот на денарот, како еден од побитните настани во современата македонска историја, како монетарно осамостојување, коешто заедно со сите други национални обележја во нашата држава е значајно и битно во современата историја“, изјави проф. д-р Љупчo Давчев.

Љубе Трпески, поранешен гувернер на НБРМ, е еден од петтемина членови на комисијата што го реализираше проектот за воведување на македонскиот денар, која ја сочинуваа тогашниот премиер Кљусев, тогашниот министер за финансии Тошевски, гувернерот Станоевски и професорот Ксенте Богоев, како луѓе од науката.

„Тоа беа турбулентни времиња, кога живеевме во голема инфлација. Тогаш дневно растеше инфлацијата, имаше пораст на цените како денес што е на годишно ниво. Сега се возбудуваме ние кога од 4 на 5 % ќе се дигне инфлацијата на годишно ниво, а тогаш дневно се обезвреднуваше валутата. Во еден труд напишав дека тогаш најважни личности беа уличните дилери, бидејќи секој што примаше плата веднаш трчаше кај уличните дилери да ги замени парите во странска валута, тогаш најчесто во германски марки. Имавме храброст, имавме знаење да направиме проект кој е успешен – да имаме стабилна валута денес и да имаме пари кои од нумизматичарите се сметат како најубави или меѓу најубавите пари во светот според дизајнот и според ликот“, изјави пензионираниот професор Љубе Трпески.

Според него, стабилноста на денарот сите овие години се одржува благодарение на конзервативната монетарна политика, во најпозитивна смисла на зборот, која ја спроведува Народната банка во целиот овој период, како и на усогласеноста со Министерството за финансии, бидејќи е неопходна координација меѓу монетарната и фискалната политика.

Трпески се сеќава на историските моменти.

„За мене тие беа најсреќните моменти. Првиот ден кога се отворија продавниците, бидејќи тоа беше пред празници, од 26 април пред првомајските празници, јас излегов по маркетите и се радував како дете како населението нормално си ги прифаќаше новите пари, македонските денари“ – се присетува Трпески.

Заменикот-министер за финансии, Николче Јанкуловски, изјави дека стабилноста на националната валута е директен резултат на стабилните политики на државата и на НБРМ. Согласно со податоците од март 2026 година, забележан е годишен раст од 16,3 % кај депозитите во денари од страна на граѓаните и од 13,3 % од страна на корпоративниот сектор.

На настанот се обрати и главниот извршен директор и претседател на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка, м-р Тони Стојановски, кој истакна дека ова е еден од најзначајните датуми за современата македонска држава во однос на економското осамостојување, кога оваа држава избра, покрај во политичкиот дел, и во економскиот дел самостојно и независно да се движи напред.

„Секако дека првите години, кога ќе се потсетиме наназад, не беа лесни, со висока инфлација, сѐ уште слаби институции, неразвиен финансиски систем. Меѓутоа, некаде до 1995 година работите се стабилизираа и во 1995 година беше донесена монетарната стратегија на де факто фиксен девизен курс на денарот, прво во однос на германската марка, а подоцна и во однос на еврото. Оваа монетарна стратегија е сѐ уште актуелна и денес, преживеа повеќе од три децении. Со оваа монетарна стратегија македонскиот денар ги помина сите тестови на екстерни шокови, кризи, внатрешни, надворешни, и беше централниот дел на макроекономската стабилност на нашата држава. Како ретко кое друго прашање, за оваа стратегија има консензус помеѓу сите досегашни влади, гувернери, економската, политичката јавност. Заедно со тоа ги градевме и банкарскиот сектор и финансискиот систем во целина. Она што го имаме денес – доверба во денарот и во банкарскиот систем е нешто што ни дава цврсти основи за да можеме да се фокусираме на онаа иднина којашто доаѓа и кон која треба да бидеме отворени со цел економијата и општеството да одат напред“, рече Стојановски.