Search

Професор од УГД со награда за најдобар научен труд на конференција во Париз

Споделете

Проф. д-р Ванчо Аџиски од Факултетот за природни и технички науки при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип ја доби наградата „Best Paper – Најдобар научен труд“ на меѓународната научна конференција „11th International Conference on Geotechnical Research and Engineering, ICGRE 2026“, која се одржа во рамки на CSEE (Civil, Structural, and Environmental Engineering) Congress во Париз, Франција, од 16 до 18 април 2026 година.

Наградата е доделена во конкуренција на повеќе од 100 презентирани научни трудови на конференцијата, што претставува значајно меѓународно признание за квалитетот и научната релевантност на презентираното истражување.

На конференцијата, проф. д-р Аџиски го презентираше научниот труд со наслов „Portfolio-Scale Screening of Conditional Life-Loss Consequences from Tailings-Dam Failure Using Open Global Data”.

Истражувањето обработува современ пристап за скрининг и проценка на потенцијалните последици од можни хаварии на јаловишни брани, користејќи сателитски податоци и геопросторни методи. Темата е од особено значење за областа на геотехниката, управувањето со ризици, рударството и заштитата на животната средина.

Ова признание претставува уште една потврда за меѓународната видливост на научноистражувачката работа на Универзитетот „Гоце Делчев“ и за активниот придонес на Факултетот за природни и технички науки во развојот на применети истражувања од областа на геотехниката, рударството и геопросторните анализи.

Повеќе информации на следниве линкови:

https://www.icgre.org/past-events/

https://2026.icgre.org/

https://www.avestia.com/CSEE2026_Proceedings/files/papers.html