Во просториите на Стопанската комора на Македонија на 27 април се одржа четвртиот национален настан за доделување грантови од страна на Регионалниот фонд за предизвици, чија цел е поддршка на развојот на стручното образование и поврзување со бизнис секторот.
Овој пат беше доделен грант во износ од 500 илјади евра за реализација на проект „Паметна обука во преработката на производи од млеко и месо“ на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Средното општинско училиште „Кочо Рацин“ во Свети Николе, заедно со шест претпријатија.
Преку инструментите од програмата на Регионалниот фонд за предизвици, финансирана преку Германското министерство за економска соработка и развој (BMZ) и Владата на Швајцарија преку Швајцарската агенција за развој и соработка, предвидено е да се формира тренинг центар за стручно образование на образовни профили Преработувач на млеко и млечни производи и Преработувач на месо и производи од месо.
Главна цел на формираниот конзорциум меѓу Земјоделски факултет, Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, Средно општинско училиште „Кочо Рацин“ во Свети Николе и бизнис-секторот е да се понудат две кооперативни обуки по највисоки образовни стандарди базирани на најновите научни достигнувања за да се стекнат учениците и студентите со компетенции и вештини препознаени на пазарот на труд.
Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Средно општинско училиште „Кочо Рацин“ во Свети Николе имаат долга традиција на успешна соработка со стопанството од секторот земјоделско производство и прехранбена индустрија, а овој проект ќе претставува чекор напред кон зајакнување на соработката. Програмата предвидува дел од обуката да се реализира во новоформираниот тренинг-центар во село Амзабегово како дел од Земјоделскиот факултет, дел во научноистражувачкиот центар УНИЛАБ и во компаниите кои се дел од конзорциумот. Со тоа ќе се формира иновативна и инспиративна средина за учење и стекнување компетенции и вештини во секторот преработка на млеко и месо.
Активното вклучување на координатори и обучувачи од индустријата ќе овозможи зајакнување на поврзаноста меѓу образованието и пазарот на труд, што ќе претставува гаранција дека учесниците во обуките развиле практични компетенции и вештини, работна дисциплина и работно искуство во реалниот сектор, неопходно за успешно вработување. Истовремено, проектните активности опфатени со програмите за кооперативна обука го промовираат дуалното образование и придобивките во стекнување на учениците и студентите со практични вештини и кариерен развој.


