Search

Одбележани 123 години од смртта на Гоце Делчев

Споделете

123 години од смртта на Гоце Делчев во Штип се одбележаа во организација на Универзитетот „Гоце Делчев“ и Општина Штип.

Во амбиент кој асоцира на великанот на македонската револуционерна борба, дворот пред Ректоратот на УГД, објектот во кој учителствувал Гоце Делчев, со свој настап се претставија студентите по народни инструменти од Музичката академија, класа на проф. м-р Марјан Јанкоски, а химните на Република Македонија и на Универзитетот „Гоце Делчев“ беа изведени од страна на Академскиот хор на Музичката академија, под диригентската палка на проф. Тоше Митрев.

– Денес со гордост и со почит го одбележуваме ликот и делото на нашиот патрон Гоце Делчев, кој бил не само апостол на македонската слобода, туку за неговото време и визионер и хуманист којшто со изјавата дека го разбира светот како поле за културен натпревар меѓу  народите, во еден период на војни, создавања на нови нации, покажал дека наместо оружје, може да играат голема улога знаењето и културата. И токму ние, како универзитет кој со гордост го носи неговото име, се трудиме да бидеме достоинствени наследници преку образованието, науката, развојот на културата, меѓународната соработка, да ги следиме принципите на хуманизмот кои великанот Гоце Делчев ги има поставено и да бидеме достоинствени наследници и носители на неговото име – изјави ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски.

Пред бистата на Гоце Делчев, лоцирана пред Ректоратот, се поклонија и положија свежо цвеќе делегации на УГД, Општина Штип, институции, политички партии, здруженија на граѓани…