Костадин Хубрев, студент на медицински науки, учествуваше во ACE²-EU Flavour School, одржан на Универзитетот во Сантарем, Португалија, посветен на темата „From Living Soil to Living Food: A One Health perspective“.
Преку предавања, работилници и теренски активности, студентите во рамки на Алијансата ACE²-EU заеднички работеа на анализа и разбирање на врската меѓу почвата и здравјето на луѓето.
Во текот на програмата беше претставен концептот „One Health“, кој на едноставен начин ја објаснува поврзаноста меѓу здравјето на луѓето, животната средина и храната.
„Ми беше значајно тоа што преку различни примери и дискусии се прикажа директната врска меѓу почвата, храната и човековото здравје“, истакнува Хубрев.

„Ова искуство ми помогна да разберам колку интердисциплинарниот пристап е важен за современата медицина и за разбирање на глобалните здравствени предизвици“, додава тој.
Како лидер во меѓународните соработки, УГД им овозможува на студентите да студираат дома и да стекнуваат меѓународни искуства во европски академски средини.
„Преку Алијансата ACE²-EU и Еразмус+ можностите што ги нуди УГД стекнав искуства кои ме прават посамоуверен и подобро подготвен за мојата идна професионална кариера“, заклучува Хубрев.


