Search

Студентка од ФМУ преку ACE2EU мобилност се стекна со современа пракса во Полска

Споделете
Марија Ванѓеловска, студентка на Факултетот за медицински науки при УГД учествуваше на ACE2EU Blended Intensive Programme (BIP) „Fruit and Vegetables – Sustainable Cultivation, Diet and Health Impact“, која се одржа во Гдањск, Полска.
Во текот на програмата беа реализирани предавања, работилници и практични активности поврзани со безбедноста и квалитетот на храната, при што студентите активно учествуваа во лабораториски анализи и современи истражувачки процеси.
„Имавме можност самостојно да изведуваме микробиолошки анализи со селективни хранливи подлоги, како и да се запознаеме со современи аналитички методи за детекција на остатоци од пестициди во овошје и зеленчук“, истакнува Ванѓеловска.
Особено е значајна посетата на Универзитетскиот клинички центар во Гдањск, каде што студентите се запознале со работата на болничката фармација и процесот на подготовка на цитотоксични лекови. Имале можност да ги видат и современите, високоавтоматизирани и роботизирани лаборатории.
„Посетата на клиничкиот центар и лабораториите беше исклучително корисна бидејќи ни овозможи да видиме како теоријата се применува во реална клиничка и лабораториска пракса“, додава таа.
За идните здравствени професионалци ова искуство претставува значаен чекор кон разбирање на најновите технологии, аналитички техники и стандарди во современата лабораториска и фармацевтска пракса.
„Ова меѓународно искуство ми овозможи да стекнам поголема сигурност, практични вештини и подобро разбирање на реалната примена на теоријата“, заклучува Ванѓеловска.