Претставникот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Кристијан Панев, е добитник на наградата од публиката на меѓународниот Science Slam натпревар, кој се одржа во Вилах, Австрија, во рамки на европската универзитетска алијанса ACE²-EU.
На настанот, одржан на 15 и 16 јуни, истражувачи од партнерските институции во алијансата ACE²-EU имаа задача на едноставен и интересен начин да ги претстават своите научни истражувања пред поширока публика. Во конкуренција на учесници од Универзитетот за применети науки од Каринтија (CUAS), Медицинскиот универзитет од Гдањск и индустрискиот партнер Infineon, Панев успеа да ја освои публиката и да ја добие највисоката оценка.

Во својата шестминутна презентација тој зборуваше за човековите права во глобалните синџири на снабдување, користејќи едноставен пример – банана. Преку приказната за производ кој патува илјадници километри пред да стигне до потрошувачите, Панев објасни како корпоративната одговорност и внимателната контрола на синџирите на снабдување можат да придонесат за заштита на правата на производителите.
Неговата презентација беше препознаена од публиката како најјасна, најкреативна и со најсилна општествена порака, што му ја донесе наградата „Audience Award“.
Имав само 6 минути за да го објаснам концептот на корпоративно должно внимание за човековите права во глобалните синџири на снабдување. Едноставна идеја, но голема тема и уште поголем предизвик. Преку примерот за тоа „како патува една банана“ успеав да ја пренесам пораката на публиката и морам да признаам дека чувството е убаво. Комуникацијата и презентацијата во науката е вештина во која длабоко верувам и инвестирам. Имено, долгогодишното искуство во јавно говорење и ораторските вечери на УГД верувам дека имаат своја заслуга за овој успех. Истражувањата се важни, но тие можат да имаат свое влијание единствено ако луѓето можат да се поврзат со него. Науката не е цел сама за себе, ниту пак сум приврзаник дека влијанието теба да се мери со бројки и индекси, туку е тука за да им служи на луѓето и да има свој резултат во општеството. Ова искуство ме потсети зошто е тоа така. По оваа победа, веројатно кон крајот на годината ќе патувам во Виена на уште еден – поголем science slam, изјави Панев.

Science Slam е завршен дел од специјализираната обука за научна комуникација, организирана од Универзитетот за применети науки од Каринтија во рамки на ACE²-EU. Програмата има цел да им помогне на истражувачите сложените научни теми да ги направат разбирливи и интересни за јавноста преку практична работа, менторство и јавни настапи.
Овогодинешното издание беше поддржано и од компанијата Infineon, Владата на Каринтија, Science Slam Austria и истражувачката станица Abenteuer Affenberg. Дел од активностите се одвиваа во необична средина – во живеалиште на макаки мајмуни, каде учесниците ги тестираа своите презентациски вештини пред несекојдневна публика.
Успехот на Кристијан Панев претставува значајно признание не само за него како истражувач, туку и за Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, кој преку своето членство во ACE²-EU активно придонесува кон развојот на европскиот истражувачки и академски простор.


