Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип учествуваше на меѓународната конференција Erasmus Without Paper Convention 2026, што се одржа од 16 до 18 јуни 2026 година на Универзитетот во Неапол „Federico II“, Италија.
Тридневната конференција беше организирана од European University Foundation, каде што УГД е членка, и обедини претставници на повеќе од 100 високообразовни институции од Европа.УГД беше претставен од проф. д-р Ана Никодиновска Крстевска, проректор за меѓународна соработка, која учествуваше на конференцијата како институционален претставник на Универзитетот. Конвенцијата беше посветена на иднината на дигитализацијата во рамки на Erasmus+ мобилностите, со посебен фокус на Erasmus Without Paper мрежата, EWP Dashboard, дигиталните меѓуинституционални договори, онлајн договорите за учење и интероперабилноста помеѓу универзитетските системи.
Учеството на овој настан е од особено значење за УГД, пред сè поради дигитализацијата на Erasmus+ програмите и мобилностите, но и поради пошироката определба на Универзитетот за дигитализација како траен приоритет во унапредувањето на процесите во високото образование. Во таа насока, учеството на конференцијата претставува уште една потврда за успешната работа на УГД во оваа област, особено имајќи предвид дека Универзитетот ја носи титулата Европски шампион во програмата Erasmus Without Paper за Македонија, како институција која целосно ги има дигитализирано процесите поврзани со Erasmus+ размените и мобилностите.
Главните придобивки за УГД од учеството на конференцијата се зајакнување на институционалната подготвеност за следната фаза на Erasmus+ дигитализацијата, размена на искуства со европски партнерски универзитети, подобро разбирање на дигиталните алатки за управување со мобилности и отворање нови можности за вмрежување. Учеството на УГД ја потврдува посветеноста на Универзитетот кон модернизација на проесите на интернационализација и меѓународна соработка, дигитална трансформација и усогласување со европските стандарди во високото образование.


