Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е еден од партнерите на проектот „GREENSTARS“ – „Одбери наука! Градење на општество преку истражување и иновации“ (CHOOSE SCIENCE! BUILDING UP SOCIETY THROUGH RESEARCH AND INNOVATION), чие финансирање беше одобрено во март 2026 година, а договорот е потпишан во мај 2026 година. Проектот е поддржан во рамки на програмата Marie Skłodowska-Curie Actions and Citizens (MSCA), преку Повикот за организација на Европска ноќ на истражувачите (European Researchers’ Night) и активности „Researchers at Schools“.
Во проектот учествуваат и следните универзитети и институции од државата:
- Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (координатор);
- Македонска академија на науките и уметностите;
- Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола;
- Национален центар за развој на иновации и претприемачко учење;
- Македонско еколошко друштво.
Целта на проектот „GREENSTARS“ е да се зајакне поврзаноста помеѓу науката, истражувањето, иновациите и граѓаните, да се разбуди интересот и љубопитноста кај младите, како и да се подигне свеста за улогата и придонесот на научните достигнувања и иновациите во секојдневниот живот.
Проектот ќе се реализира во Скопје, Битола и во Штип, со фокус на наука, технологија, иновации, одржливост и инклузивност. Планирани се повеќе од 200 активности, интерактивни презентации, хакатони и натпревари, конкурси за средношколци и студенти, работилници и средби со истражувачи, изложби, научни и стручни предавања, посети на лаборатории, модни ревии организирани од студенти и средношколци, учество на ученици во научни експерименти и сл. Во рамки на проектот ќе се реализираат две изданија на Европската ноќ на истражувачите во 2026 и 2027 година, обично во последната недела на септември, како и бројни активности за промоција на науката во основните и средните училишта низ државата.


