Факултетот за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, во соработка со Сојузот на просветните работници на Република Северна Македонија, Здружението на просветни работници на Град Скопје, Здружението на одделенски наставници „Учител“, Здружението на просветни работници на Општина Куманово, НУУБ „Гоце Делчев“ – Штип и Општина Штип, со поддршка на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ и „Просветно дело“ – редакција „Детска радост“, организира советување на тема „Читањето во ерата на екраните – битка помеѓу алгоритмите и книгата“.

Настанот се организираше по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј, а во рамки на одбележувањето на осум децении од излегувањето од печат на првото списание за деца и првиот буквар на стандарден македонски јазик.
– Чест ми е што Факултетот за образовни науки денес заедно со „Просветно дело“ и Фондацијата „Ѓорѓе Марјановиќ“ го организира ова советување по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители. Тоа е достоен ден за одбележување и се одбележува на еден достоен начин, со промоција на книгата, на читањето, во ерата на дигитализацијата и на екраните. За жал, децата сѐ помалку сакаат да читаат. Јас денес сум и учесник во еден од панелите и ќе зборувам токму за тоа колку е важно читањето, ќе демонстрирам некои научни студии кои покажуваат колкава е разликата помеѓу читањето од книга и читањето од екран, а камоли пак гледањето видеа и читањето. Токму во ова време навистина е предизвик и сериозна потребата да се образуваат децата на читање на книга – изјави деканот на ФОН, проф. д-р Трајче Стојанов.
Во организацијата се вклучени и „Просветно дело, а ова е веќе трето советување, изјави Ксенија Маказлиева.

– Ова е веќе трет настан по ред. На моја иницијатива и на иницијатива на Фондацијата „Ѓорѓе Марјановиќ“ одлучивме да направиме серијал на советувања, со цел да ја вратиме книгата во мода. Приказната започна така што Фондацијата „Марјановиќ“ започна со натпревар во раскажување книги, а кога раскажувате морате и да читате, па оттука тргна целата приказна да се здружиме со сите здруженија на просветни работници, на одделенски наставници, заедно да направиме еден исчекор напред, да ја вратиме книгата во мода. Ова е трето советување што го правиме со Факултетот за образовни науки во Штип. Одзивот, како што гледате, е огромен. Се вклучија не само наставниците од Штип, туку и од околните градови, со тоа што ова советување добива регионален карактер.
– Нашата намера е да ја продолжиме идејата на Ѓорѓе Марјановиќ, Македонија да стане пристојно место за живеење. Направивме Академија за идни лидери, која има цел да ги обликува младите по урнекот на Ѓорѓи. Во таа академија се важни четири работи, што ќе помогнат ова да го оствариме, а сѐ почнува од книгата и читањето. Така сосема случајно станав свесен за големината на проблемот со кој нашето општество се соочува, а тоа е неатрактивноста на читањето. Јасно е дека читањето не е толку атрактивно денес, бидејќи имаме сериозен конкурент, кој се бори за вниманието на децата, а тоа се мобилните телефони. Затоа решивме да ги прошириме нашите активности, со цел да ја поттикнеме љубовта кај децата и кај младите кон книгата и кон читањето, затоа што оставени на мобилните, децата се во многу сериозна опасност, бидејќи мобилните телефони делуваат на мозоците на децата на ист начин како дрогата – рече Александар Марјановиќ од Фондацијата „Ѓорѓе Марјановиќ“
– Темата на мојата презентација на денешното советување е „Кој ја воспитува денешната генерација – алгоритамот или книгата“. Темата никогаш не била поактуелна, затоа што живееме во едно дигитално време, затоа што младите генерации растат во средини за кои се потребни нови вештини и, секако, мораат да се адаптираат на новото време. Е сега што е подобро, дали книгата или можеби алгоритамот, кој ги воспитува денешните деца, или треба да се направи еден хибрид, спој на овие две позитивни активности, со цел да се насочат и позитивно да влијаат врз нивниот развој, и психолошки и емоционален – изјави проф. д-р Даниела Коцева
Од Факултетот за образовни науки учествуваа проф. д-р Емилија Петрова Ѓорѓева, проф. д-р Ирена Китанова, проф. д-р Снежана Мирасчиева, проф. д-р Верица Јосимовска, проф. д-р Соња Петровска, проф. д-р Деспина Сивевска, проф. д-р Снежана Ставрева Веселиновска и насл. доц. д-р Сања Гацов. Предавачите преку актуелни и инспиративни теми ја истакнаа важноста на одговорното користење на вештачката интелигенција во образованието и научниот развој.


