Search

Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21 век – Од дестинација до искуство

Споделете

Факултетот за туризам и бизнис логистика ја продолжи традицијата, и по деветти пат ја организираше Меѓународната научна конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21 век“. Темата годинава беше „Од дестинација до искуство“ –  поврзување на туризмот, технологијата и логистиката за поконкурентна РС Македонија.

Деканката на ФТБЛ, проф. д-р Наташа Митева, потенцираше дека искуството покажува дека кога станува збор за предизвиците, ФТБЛ одговара соодветно и е на вистински пат со студиските програми што ги има.

– Ова е деветта по ред Меѓународна научна конференција и среќна сум што оваа година има панел-дискусија на тема „Од дестинација до искуство“. Ги вклучивме токму оние кои се директно инволвирани во туризмот, практичарите, тие кои работат со туристите, дестинациите, платформите и слично. Она што произлезе од дискусијата е дека ние сме на прав пат, ги имаме соодветните предмети во нашите студиски програми, а она што недостасува е малку храброст од нашите студенти, мотивација да го преземат чекорот и да згрешат, да грешат, додека не се погоди некоја работа, тоа беше препорака од панелистите. Иновацијата понекогаш не се исплати на крај. Има и имитација која може да се примени и да успее на нашето поднебје, само треба да бидеме будни и да гледаме. Среќна сум што се потврдува дека сме на вистинскиот пат со студиските програми. Ни останува нам како образовен кадар да истражуваме што повеќе, да реагираме онаму каде што е најпотребно – стратегиите за туризам, стратегиите за развој и, на крај, да ги мотивираме студентите да продолжат и да преземаат иницијативи – изјави деканката на ФТБЛ, проф. д-р Наташа Митева.

На конференцијата учествуваше и директорот на Источниот плански регион, Трајче Здравков, кој рече дека на конференцијата споделиле искуства кои се корисни за секоја институција.

– Заклучивме дека сите институции се поврзани на некој начин за развој на туризмот во регионот и во државата, а ние како институција која се грижи за регионалниот развој во регионот која поврзува 11 општини, споделивме дека една од главните точки каде што планираме да реализираме проекти е туризмот. Туризмот е гранка која индиректно или директно поврзува повеќе гранки и е двигател на економијата. Се надевам дека од оваа конференција сите добивме некои идеи, како заедно да функционираме, да придонесеме за поразвиен регион, со подобра туристичка понуда – истакна Трајче Здравков. 

 

 – Предизвиците се најмногу да се надминат сите тие институционални препреки што ги имаме, кои стојат на патот на развојот, и да се избориме за подобро рекламирање и дигитална застапеност на сите наши искуства, знаменитости кои ги имаме на поширок пазар, за да можат луѓето да ги видат. Затоа што Македонија е мала земја, но сега со сите тие дигитални платформи може да нѐ види цел свет. Мислам дека најголема цел е да се поставиме на сите тие платформи и тоа ќе ни даде најголем бенефит. Во моментов таму не сме доволно присутни и немаме стратегија како да не има. Во споредба со околните земји кои имаат и стратегија и инвестиции во тој потег, ние го немаме тоа како земја, како нација – изјави Александар Христов од „Grizzly Igloos“.