Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во соработка со Државниот универзитет во Охајо, САД, го организираше Студентскиот симпозиум „Innovating Health, Science, and Society: Student Research in Action Symposium“, посветен на истражувања и иновации во медицинските науки.
Во рамки на Симпозиумот беа реализирани 14 студентски презентации, со фокус на современи медицински истражувања и интердисциплинарни пристапи во науката.
Настанот го отвори проректорката проф. д-р Ана Никодиновска, која ја истакна меѓународната препознатливост на УГД. Таа се осврна и на успешната соработка со Државниот универзитет во Охајо, иницирана од проф. д-р Татјана Рушковска и нејзината долгогодишна соработничка од САД, проф. Dr. Lorraine Wallace.
Настанот беше коорганизиран со Студентската организација СОМА при Факултетот за медицински науки во Штип, која учествуваше во организацискиот процес и научните дискусии.
Со вакви настани, УГД создава средина во која студентите добиваат реални можности за меѓународна соработка, научно истражување и професионален развој уште во текот на студиите.


