Во рамки на одбележувањето на Денот на Европа, во Домот на млади во Штип се одржа настанот „Европа е за можностите“.
И годинава овој ден се одбележува со активности посветени на младите, образованието, европската интеграција и соработка, а во Македонија најголем акцент е ставен на активното вклучување на младите во европските иницијативи и програми.На настанот, кој се одржа на отворено, на летната сцена на Дом на млади во Штип, факултетите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип имаа свои штандови со информативни материјали за студиите. За можностите за учество во програмите за студентска размена, Канцеларијата за меѓународна соработка и Еразмус плус на УГД ги информираше посетителите за мобилностите, студирањето во странство, студентските размени и меѓународните партнерства со универзитети од европските држави кои ги има Универзитетот „Гоце Делчев“.
Покрај факултетите, на настанот во рамките на „Саемот на можности“ се претставија и можностите кои ги нудат европските институции, амбасади на земји од ЕУ и граѓански организации за млади.
Настанот вклучи и дебата – дијалог на младите на тема „Можност без граници: Млади, Еразмус+ и ЕУ“. На дебатата беше разговарано за клучните прашања – што им нуди ЕУ на младите во Македонија, кои се можностите за студирање во странство, искуствата и предизвиците, како и придобивките од учеството во програми за мобилност, како и поддршката и улогата на ЕУ во развојот на земјата и процесот на интеграција во Европската Унија.


