Search

Ликовна академија ја реализираше годишната Студентска изложба

Споделете

Ликовна академија при Универзитет „Гоце Делчев“ ја реализира годишната Студентска изложба.

Во големото ателје на Академијата се поместени дела од студентите на Академијата, кои имаат можност да ја презентираат својата уметничка работа во текот на оваа академска година.

    – Секоја година, како круна на завршувањето на академската година, е официјалната Студентска изложба, која де факто е многу важна за нашата Академија. Важноста е од повеќе аспекти. Првиот аспект е Ликовната академија да се претстави пред пошироката јавност, да ја претстави својата работа. Втора, секако и уште поважна работа, е тоа што студентите можат да си ги видат своите работи, односно да си ги споредат со претходната година. Оваа годишна изложба е едно огледало на моменталниот развој на студентите кои се на студии на нашата Академија. Може да се види нивниот ликовен израз, подобрувањето на ликовната техника, естетското размислување, како и градењето на нивната ликовна мисла. Од друга страна, ние, професорите, колегите, наставниот кадар на Ликовната академија, се трудиме максимално да го пренесеме своето знаење на нашите студенти, со цел во иднина тие да станат самостојни автори и самостојно да се претставуваат со нивната уметничка работа. Изложбата има значење и за нас како професори, бидејќи тука ние го гледаме плодот на нашата несебична работа низ секоја студиска година. Со голема радост можам да кажам дека студентите напредуваат. Во моментов, на тековната изложба можеме да видиме како напредувале во однос на претходната година, тоа го воочуваат и тие и ние како нивни ментори. Со тоа имаме една насока како да се движиме во следните академски години – рече на отворањето на изложбата проф. д-р Слободан Милошевски, декан на Ликовната академија.

На студентите кои се во четврта година на студии, деканот Милошевски им порача и понатаму да трагаат по вистината и да се насочени кон истражувањето во уметноста и по завршувањето на овие студии, затоа што уметноста и уметникот никогаш не застануваат со своето истражување, никогаш не застануваат на некоја точка каде што мислат дека се најдобри, односно секогаш се подобруваат во текот на годините. Додека трае нивниот работен век, тие истражуваат. Имаат можност да се запишат и на втор циклус студии и секогаш да се стремат да го надминат она што мислеле дека е невозможно за нив.