Search

УГД дел од Годишното собрание на Ректорскиот форум на Југоисточна Европа и Западен Балкан

Споделете

Во периодот од 11 до 12 мај 2026 година, проф. д-р Дарко Лазаров, проректор за инвестиции и развој, го претставуваше Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип на Годишното собрание на Ректорскиот форум на Југоисточна Европа и Западен Балкан, кое се одржа на Универзитет во Љубљана, Република Словенија.

На Собранието учествуваа претставници на универзитети од целиот регион на Западен Балкан, при што се дискутираше за Годишниот план на активности, можностите за продлабочување на соработката и идните планови на оваа регионална универзитетска асоцијација, која обединува повеќе од 40 универзитети од поширокиот регион.

Во рамки на настанот беше организирана и конференција на тема „Зајакнување на соработката помеѓу универзитетите и бизнис секторот во Западен Балкан“, на која учествуваа претставници од европски универзитети, компании и бизнис асоцијации.

На конференцијата се разговараше за нови платформи за соработка помеѓу академската заедница и бизнис секторот, особено во делот на креирање современи образовни програми и компетенции во согласност со потребите на пазарот на труд, поголема вклученост на индустријата во наставниот процес, како и поинтензивна соработка во областа на истражувањето, развојот и иновациите.

Во таа насока, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип преку активна соработка со најголемите бизнис асоцијации во државата и компании од различни сектори, како и преку развојот на универзитетски стартап центар и Центар за трансфер на технологии, активно ги следи современите трендови за трансформација на улогата на модерните универзитети во општеството.