Во свечената сала на Правен факултет денес беа промовирани две научни публикации кои обработуваат актуелни теми од областа на правото, миграциите, азилот и одржливиот развој, отворајќи дискусија за прашања што имаат сè поголемо значење и за младите и за современото општество.
Станува збор за публикациите „Меѓународни, европски и национални правни режими за миграција и азил“, во уредништво на Ана Никодиновска Крстевска, Олга Кошевалиска и Елена Максимова, како и „Правно-политички размислувања за достигнување на целите за одржлив развој на Организацијата на Обединетите нации“, во уредништво на Ана Никодиновска Крстевска и Борка Тушевска Гавриловиќ.
Првата публикација се фокусира на миграцијата и азилот, преку анализа на меѓународните, европските и националните правни механизми. Во трудовите се обработуваат предизвиците со кои се соочуваат државите и институциите во заштитата на човековите права, миграциските текови, азилантските постапки и правната положба на лицата кои бараат меѓународна заштита.
Втората публикација нуди правно-политичка анализа на целите за одржлив развој на Обединетите нации и нивното влијание врз современите општества. Авторките отвораат прашања за улогата на правото, институциите и јавните политики во процесите поврзани со социјалната правда, еднаквоста, заштитата на животната средина и меѓународната соработка.
Настанот привлече професори, студенти, истражувачи и претставници на институции, а промоцијата беше искористена и како простор за академска размена на мислења и дискусија за актуелните глобални и правни предизвици.
Со вакви публикации, Правниот факултет продолжува да отвора теми кои сè почесто се дел од јавните дебати и кои директно влијаат врз иднината на младите, општествените политики и развојот на демократските процеси.


