Search

На ФОН се одржа завршен настан од проектот „Akuo EduLab“ – Зелен трансфер

Споделете

На Факултетот за образовни науки се одржа завршниот настан на проектот „Akuo EduLab“, во организација на компанијата „Akuo“, во партнерство со здружението „Еко логик“ и Факултетот за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, со поддршка на Амбасадата на Франција во Република Северна Македонија.

Дел од настанот беше Тркалезна маса на тема „EduLab: Од училница до заедница – градење компетенции за одржливост преку образованието“.

Проектот „Akuo EduLab“ им овозможи на студентите по образовни науки, наставниците од основните училишта и учениците заеднички да работат на теми поврзани со одржливоста, обновливите извори на енергија, биодиверзитетот и климатските предизвици.

– Факултетот за образовни науки влезе во овој проект пред неколку месеци со особено задоволство, затоа што нашите француски партнери, како и невладината организација помогнаа во целата работа да можеме на студентите да им пренесеме некои од компетенциите што се  важни не за иднината туку за сегашноста. Екологијата, биодиверзитетот, еколошките проблеми се проблеми на денешнината, а не на утрешнината, и Факултетот за образовни науки е благодарен и среќен што е дел од овој проект – изјави деканот на ФОН, проф. д-р Трајче Стојанов.

Александра Сомбстај, извршна потпретседателка за односи со јавноста во „Akuo“, потенцира дека нејзината компанија сака покрај делување во производство, да придонесе и во едукација.

– Ние спроведовме серија работилници заедно со студентите од УГД, со цел да ги пренесеме знаењето и технологијата, како се спроведуваат проекти во средина како што е Македонија и во средина како што е ЕУ.  Фокусот ни беше, откако ќе ги обучиме студентите, тие понатаму да ги обучуваат учениците во основните училишта. „Akuo“ е француска компанија која се занимава со производство на опрема за производство на соларна енергија. Целта на компанијата не беше само производството, туку да се позиционира во македонското општество и да креира синергија со студентите и со граѓаните.

Директно вклучени во активностите беа професорките од ФОН, Снежана Ставрева-Веселиновска и Деспина Сивеска.

– Насловот на проектот е Зелен трансфер – градење на зелени компетенции кај наставниците идни едукатори кај нашите студенти. Во рамките на овој проект, ние работевме на два модули, агриволтаици, екосистем и образование за одржлив развој. Беа одржани предавања на студентите од насоките Педагогија и Одделенска настава. Целта беше да ги обучиме како да изградат зелени компетенции и како сите тие знаења да ги вградат во другите наставни предмети. За жал, во образованиот систем во Р Македонија во деветгодишното основно образование, средното, па и во високото, еколошкото образование и воспитание, како и образованието за одржлив развој не е застапено како задолжителен наставен предмет. Оттука,  со тоа што го инициравме, педагогијата и образованието се исправаат пред нови предизвици – како да направиме свесни и одговорни граѓани. Не е целта ние како универзитетски професори да ги подготвиме не само за она што им го предаваме како предмети, туку и за една нова иднина, заради тоа што светот се соочува со сериозни еколошки катастрофи. Треба веќе и на национално ниво да се поведе иницијатива за воведување на вакви содржини во образовниот систем – изјави проф. д-р Снежана Ставрева-Веселиновска.

Јасмина Петровска-Нешковска, претставничка од Здружението на граѓани „Еко логик“, со фокус на заштита на животна средина и одржлив развој рече дека голем фокус ставаат на формално и неформално образование, почнувајќи од претшколска возраст, основно и средно образование, па дури и едукација на возрасни и стручно образование.

– Во овој проект, „Еко логик“ всушност претставува организација одговорна за имплементација. Успехот на овој проект е заслуга на сите наши соработници, едукатори, професори, кои всушност креираа модули кои понатаму можат сите наставници низ Македонија да ги користат, со што ќе воведеме малку поинакво образование од она што досега го имаме. Неформално образование, вклучувајќи експериментална работа и така натаму. Тоа што Универзитетот  „Гоце Делчев“ ни додели професори во проектот, го направи успешен и денес се наоѓаме на финалниот настан. Целта е одржлива едукација да се пренесе кај студентите. Трениравме 23 наставници од основните училишта во Штип, но и студенти кои понатаму како експериментална работа ќе можат да ги претстават сите овие климатски промени со кои се соочуваме денес,  на поинаков начин на децата – рече Јасмина Петровска-Нешковска од „Еко логик“.

Во рамки на настанот беа презентирани резултатите од проектот, искуствата на учесниците и можностите моделот на „Akuo EduLab“ да се примени и во други образовни средини.