Search

Студенти и професори од УГД заеднички ги искачија врвовите Туртел и Црквиште

Споделете

Студенти, професори и вработени од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип викендов учествуваа на планинарска тура на планината Плачковица, организирана во соработка со Планинарското друштво „Лисец“ од Штип.

Учесниците изодеа патека долга 14 километри со околу 500 метри висинска разлика, при што ги искачија врвовите Туртел (1607 мнв) и Црквиште (1693 мнв), а ја посетија и црквата „Св. Спиридон“.

Покрај уживањето во природните убавини на Плачковица, настанот имаше и силна еколошка димензија. За време на турата учесниците спроведоа акција за чистење на планината, при што собраа две полни вреќи отпад оставен долж патеката.

Планинарската тура беше дел од активностите насочени кон поттикнување на здрави животни навики, рекреација и дружење меѓу членовите на академската заедница, но и кон подигнување на свеста за заштита на животната средина.

Патеката започна од локацијата позната како „Билборди“ на Плачковица и се движеше по кружна маршрута низ шумски предели кои на учесниците им овозможија пријатни услови за пешачење. По завршувањето на турата беше организирано заедничко дружење во планинарскиот дом „Вртешка“.

Одличната атмосфера, физичката активност и заедничката грижа за природата ја одбележаа оваа акција, испраќајќи порака дека секој може да придонесе за почиста и поубава животна средина.