Студентите од Машинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип на 1 јуни 2026 година реализираа теренска настава во рудникот „Бучим“ и површинскиот коп „Боров Дол“, под менторство на проф. д-р Мишко Џидров.
Во рамките на посетата студентите имаа можност непосредно да се запознаат со работата на површинскиот коп, како и со функционирањето на машинските работилници во „Боров Дол“ и „Бучим“. Тие одблиску ја следеа работата на рударската механизација, процесите на одржување на опремата и организацијата на техничките служби во еден од најзначајните рударски капацитети во државата.
Преку директна комуникација со инженерскиот кадар и стручните служби, студентите стекнаа практични сознанија за примената на инженерските знаења во реални индустриски услови, надополнувајќи ги теоретските содржини што ги изучуваат во текот на студиите.
Теренската настава претставува важен сегмент од образовниот процес на Машинскиот факултет, овозможувајќи им на студентите подобро да ги разберат современите рударски и индустриски процеси и да се подготват за идните професионални предизвици.
Од Машинскиот факултет упатија благодарност до менаџментот и вработените во ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш за гостопримството, професионалниот прием и подготвеноста да ги споделат своите знаења и искуства со студентите.


