Марија Ванѓеловска, студентка на Факултетот за медицински науки при УГД учествуваше на ACE2EU Blended Intensive Programme (BIP) „Fruit and Vegetables – Sustainable Cultivation, Diet and Health Impact“, која се одржа во Гдањск, Полска.
Во текот на програмата беа реализирани предавања, работилници и практични активности поврзани со безбедноста и квалитетот на храната, при што студентите активно учествуваа во лабораториски анализи и современи истражувачки процеси.
„Имавме можност самостојно да изведуваме микробиолошки анализи со селективни хранливи подлоги, како и да се запознаеме со современи аналитички методи за детекција на остатоци од пестициди во овошје и зеленчук“, истакнува Ванѓеловска.Особено е значајна посетата на Универзитетскиот клинички центар во Гдањск, каде што студентите се запознале со работата на болничката фармација и процесот на подготовка на цитотоксични лекови. Имале можност да ги видат и современите, високоавтоматизирани и роботизирани лаборатории.
„Посетата на клиничкиот центар и лабораториите беше исклучително корисна бидејќи ни овозможи да видиме како теоријата се применува во реална клиничка и лабораториска пракса“, додава таа.За идните здравствени професионалци ова искуство претставува значаен чекор кон разбирање на најновите технологии, аналитички техники и стандарди во современата лабораториска и фармацевтска пракса.
„Ова меѓународно искуство ми овозможи да стекнам поголема сигурност, практични вештини и подобро разбирање на реалната примена на теоријата“, заклучува Ванѓеловска.


