Композиторот Гоце Гавриловски ја освои главна награда на International youth music competitions во САД за композицијата „Маестри виртуози”, во изведба на „Трио академико“.
Во конкуренција со претставници од над 30 земји, во отворената категорија над 27 години, Гавриловски успеа да ги собере максималните 100 поени, односно по 20 за секоја од петте сегменти што се оценуваа.
„Неверојатна работа. Суптилните нијанси се веројатно најимпресивни, јасно е дека имате целосна контрола врз многу композициони техники и идеи, но уште поважно е тоа што одбирате да го користите. Делото е совршено, изведбата е прекрасна, што само докажува колку добро е напишано. Честитки“, стои во критиката на жири-комисијата.
Композицијата „Маестри виртуози” е напишана специјално за јубилејот 15 години постоење на „Трио академико“. Во „Трио академико“ членуваат професорите од Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ , флејтистката Златка Митева, кларинетистот Бранко Павловски и пијанистката Наташа Трбојевиќ
Со освојувањето на ова важно признание Гавриловски доби покана во септември годинава да настапи на концерт во Њујорк.


