Во рамки на COST акцијата FLAVOURsome на Земјоделски факултет ќе се организира 5. FLAVOURsome работилница со наслов „Sensory Evaluation and Analytical Characterization of Food and Beverages Flavour Components”.
На работилницата се разработуваат теми фокусирани на сензорна евалуација и аналитичка карактеризација на ароми во храна и пијалаци, преку учество на странски експерти, со усни презентации, панел обуки и мастер клас за вино.
– Во овој момент околу 70.000 научници се алиментираат низ целиот свет. Годишниот буџет на COST е 60 милиони евра. Работиме во рамки на програмата Хорајзон. Чекаме да дојде рамковната програма 10. Јас сум прв член и прв претседател на Управниот одбор надвор од Европската Унија, навистина ми е драго што денес имаме можност и како држава да организираме еден ваков настан овде во Штип. Значењето на организирање на овие настани е во неколку работи. Ние во овој момент сме една од најпрестижните држави со околу 92 % опфат на научната популација во COST акции. Втора работа е што оваа година ние добивме три COST акции, како носители. Како држава досега во изминатите 24 години сме имале само две, а оваа година добивме три такви акции, што зборува за подемот на овие активности во Македонија. УГД е една од институциите и како универзитет, но и како Земјоделски факултет, кои се едни од поактивните членови. Имаат навистина големо учество во овие COST акции и, веројатно, тоа била причината менаџментот на оваа акција да се определи оваа работилница да се организира токму овде.
„COST е единствената организација во научната сфера каде што имаме таканаречен bottom up aprouch. Значи, не мора да чекате проектот, односно акцијата да ви биде одобрена па да се вклучите, туку во моментот кога ќе најдете нешто што ви е од интерес се пријавувате и се вклучувате истиот момент како дел од работна група или како корисник на стипендија. Тоа е единствена можност. Јас многу пати велам, кога би бил во чевлите на млад научник, прво што би направил би отворил веб-страница на COST, би ставил неколку клучни зборови, би нашол неколку луѓе коишто работат во мојата област, подобри од мене, се разбира, и така би ја започнал својата кариера. Во последно време во Македонија многу млади научници го прават тоа“, рече проф. д-р Зоран Поповски, претседател на УО на COST.

„Во рамките на COST акцијата FLAVOURsome се организира петтата работилница, претходно се организирани уште четири, на други локации. Оваа петта работилница навистина сме почестени што можеме да ја организираме на Земјоделски факултет на УГД. Работилницата е посветена на сензорна евалуација и аналитичка карактеризација на ароми во храна која е базирана на растителни протеини, значи на храна со растително потекло и пијалаци. За време на работилницата ќе имаме мастер клас на македонски вина, значи гостите учесници кои доаѓаат од европски држави ќе имаат можност да се запознаат со македонски вина, да дегустираат македонска растителна храна која е тема на оваа работилница. Исто така, ќе имаме предавања од експерти од седум држави, како и практични вежби во лабораториите на УГД, на Земјоделски факултет и на Факултет за природни и технички науки. Со тоа ќе ги презентираме и истражувачките можности на УГД“, изјави проф. д-р Виолета Иванова-Петропулос од Земјоделски факултет.

„Оваа COST акција е многу добра можност за средби и работа во мали групи, имаме околу триесетина учесници и одлична можност да се измешаат професори и, што е уште поважно, млади научници. Ваквите мали групи овозможуваат ефикасна комуникација и интеракција, која не е можна на поголемите конференции. COST акциите го овозможуваат тоа, што секако е од големо значење за младите научници“, изјави Барбара Сигмунд, професорка за индустрија за храна на Универзитетот за технологија во Грац, Австрија.


