Search

Можност за истражувачки престој на Универзитетот во Грац за студенти и постдокторанди од УГД

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ги информира своите студенти и академски кадар дека е отворен Повикот за аплицирање на програмата GO STYRIA Research Grant за летниот семестар 2027, која овозможува краткорочен истражувачки престој на Универзитетот во Грац, Австрија.

Програмата е наменета за студенти на магистерски и докторски студии, како и постдокторанди од земјите во регионот, меѓу кои е и Северна Македонија. Избраните кандидати ќе имаат можност да реализираат истражување во времетраење од еден или два месеца во текот на летниот семестар 2027 година, со најран можен почеток во февруари 2027 година.

Целта на програмата е да им овозможи на учесниците да спроведат дел од своето научно истражување на Универзитетот во Грац, а потоа да ги продолжат и успешно да ги завршат своите магистерски, докторски или постдокторски истражувања на матичниот универзитет.

За студентите на магистерски и докторски студии услов е да бидат запишани на акредитиран универзитет во академската 2026/2027 година и активно да работат на својата магистерска или докторска теза. За постдокторандите е потребно е да бидат членови на академскиот кадар на акредитиран универзитет, а докторските студии да ги имаат завршено пред не повеќе од три години во моментот на аплицирањето.

Заинтересираните магистерски и докторски студенти треба најдоцна до 7 октомври 2026 година да ги достават потребните информации за пристап до системот за електронско аплицирање.

Крајниот рок за поднесување на апликациите е 12 октомври 2026 година до 13:00 часот (CET).

Сите информации за условите за учество, критериумите за подобност и постапката за аплицирање се достапни на официјалната веб-страница на програмата GO STYRIA.

За дополнителни информации, магистерските и докторските студенти можат да се обратат кај координаторката Sarah Perner на е-пошта incoming.exchange@unigraz.at, додека постдокторандите можат да ја контактираат Mediha Ohranović на staffmobility@unigraz.at.