Search

Наставникот на 21 век – клучот за иднината на нашите деца

Споделете

Каков треба да биде наставникот во време кога учениците можат да го пронајдат речиси секој одговор со само неколку клика?

Ова е едно од прашањата со кои денес мора да се соочи современото образование. Светот во кој растат денешните деца не е истиот свет во кој растевме ние. Технологијата го промени, начинот на кој комуницираме, работиме, учиме и ги донесуваме одлуките. Информациите се достапни насекаде и во секое време, а промените се случуваат со брзина на која понекогаш и возрасните тешко успеваат да ѝ се приспособат. Токму затоа, училиштето денес не може да биде само место каде што учениците меморираат факти. Тоа треба да биде место каде што учат како да размислуваат, како да поставуваат прашања, како да решаваат проблеми, како да соработуваат и, можеби најважно, како да се снаоѓаат во свет што постојано се менува. Истражувањата спроведени во училишта во европските земји укажуваат дека образованието во 21 век треба да ги подготви учениците за живот преку развивање вештини како критичко размислување, решавање проблеми и комуникација. Ако задачата на училиштето е да го подготви детето за иднината, тогаш логично се поставува прашањето: кој го подготвува детето за таа иднина? Одговорот е – наставникот. Но, наставникот на 21 век повеќе не е само пренесувач на знаење. Тој е ментор, насочувач, мотиватор, креатор на услови за учење и човек кој му помага на ученикот самиот да стигне до одговорот.

Од наставник кој предава – до наставник кој инспирира

Денешните ученици имаат пристап до огромно количество информации. Компјутерот, таблетот и паметниот телефон можат за неколку секунди да понудат одговор на прашањето што некогаш барало часови пребарување. Но, токму тука се крие новиот предизвик. Не е доволно ученикот да знае каде да го најде одговорот. Тој мора да знае дали тој одговор е точен, корисен и веродостоен. Затоа наставникот на 21 век не треба да се натпреварува со технологијата. Напротив – треба да ја претвори во свој сојузник. Неговата улога е да создаде средина во која технологијата нема да биде само средство за забава или комуникација, туку алатка за истражување, творење и учење. Денешните ученици можат да создаваат презентации, видеа, дигитални приказни, инфографици и различни други креативни содржини. Тоа значи дека наместо постојано да слушаме „остави го телефонот“, можеби треба почесто да прашаме: „Што можеш да создадеш со него?“

Ученикот не е празен лист

Една од најважните карактеристики на современата настава е училницата ориентирана кон ученикот. Зошто? Затоа што секое дете е различно. Учениците имаат различни интереси, способности, потреби и начини на учење. Универзален пристап кој подеднакво функционира за сите станува сè помалку ефикасен. Кога на учениците им се дава можност да избираат, истражуваат и преземаат одговорност за сопственото учење, се зголемуваат нивната мотивација и ангажираност. Наставникот затоа не треба секогаш да биде оној кој има подготвен одговор. Понекогаш неговата најважна задача е да постави вистинско прашање.

Дигиталниот уред не е непријател

Денешните деца се родени во свет во кој дигиталните технологии се природен дел од секојдневието. Тие знаат да користат мобилен телефон, апликации и социјални мрежи, но тоа не значи автоматски дека знаат и како правилно да ја користат технологијата за учење. Тука повторно се појавува наставникот. Ако ученикот има паметен телефон, зошто тој да биде само средство за комуникација? Зошто да не стане камера за создавање краток образовен филм, алатка за истражување, средство за креирање дигитална приказна или начин за соработка со ученици од друга земја? Кога технологијата се користи со јасна педагошка цел, таа престанува да биде одвлекување на вниманието и станува моќна алатка за учење.

Наставникот што и самиот постојано учи

И тука доаѓаме до една од најголемите карактеристики на наставникот на 21 век: тој никогаш не престанува да учи. Технологијата се менува, алатките се менуваат, начините на комуникација се менуваат. Затоа наставникот не може еднаш да научи една дигитална алатка и да смета дека неговото технолошко образование е завршено. Новите технологии бараат постојано учење и адаптација. Добрата страна е што во овој процес наставникот и ученикот можат да бидат истражувачи заедно. И можеби токму тоа е една од најубавите промени што може да ги донесе современото образование.

Наставникот понекогаш треба да биде најголемиот мотиватор во училницата

Училницата повеќе нема четири ѕида. Современата технологија ги руши границите на училницата. Денес учениците можат да разговараат со врсници од други земји, да запознаваат различни култури, да учат странски јазици преку вистинска комуникација и да разменуваат идеи со луѓе кои никогаш физички не ги сретнале. Таквото учење не е само стекнување знаење – тоа е подготовка за живот во глобален свет.

Помалку хартија, повеќе можности

Еден од важните елементи на современото образование е и безхартиеното работење. Споделување материјали преку дигитални платформи, линкови, електронски документи и онлајн дискусии овозможува ресурсите да бидат достапни, организирани и лесно споделливи. Воедно, ваквиот пристап може да придонесе кон поефикасна комуникација, намалување на административните трошоци и заштита на животната средина преку помала потрошувачка на хартија. Но, дигитализацијата сама по себе не е цел, целта е технологијата да му помогне на човекот да учи подобро.

А што е со вредностите?

Во трката по дигитализација, модернизација и нови технологии не смееме да заборавиме нешто многу важно – образованието не е само технологија. Училиштето и семејството се местата каде што децата ги учат најважните животни вредности: да ги почитуваат другите, да соработуваат, да бидат чесни и фер и да веруваат во себе. Можеме да им дадеме на децата најсовремени компјутери, најбрз интернет и најнови апликации, но, ако не ги научиме да бидат добри луѓе, критички мислители и одговорни членови на општеството, тогаш сме пропуштиле нешто суштинско. Затоа наставникот на 21 век мора да знае да ја спои технологијата со човечноста, знаењето со вредностите, а иновацијата со одговорноста.

Клучот не е во технологијата, клучот е во човекот

Наставникот на 21 век има тешка и одговорна задача. Тој треба да ги насочува учениците, но и да им даде простор сами да истражуваат. Треба да ги научи да користат технологија, но и да препознаваат кога таа не треба да се користи. Треба да им помогне да стекнат знаење, но и да развијат љубопитност, самодоверба, креативност и способност за решавање проблеми. Тој треба да создаде училница во која ученикот не се плаши да погреши, туку учи од грешката. Училница во која прашањето е исто толку важно како и одговорот. Училница во која ученикот не е пасивен слушател, туку активен учесник. Затоа, кога зборуваме за иднината на образованието, не треба да се прашуваме само која технологија ќе ја користат нашите деца. Треба да се прашаме: ,,Какви луѓе сакаме да станат?”

Одговорот на ова прашање треба да биде почетната точка на секоја образовна реформа, затоа што децата се нашата иднина, но и нашата најголема надеж. За родителите тие се најголемото богатство, а за општеството – најголемиот потенцијал. Затоа, ако сакаме подобра иднина, мора да создадеме подобро образование, а за подобро образование не се потребни само модерни училници и современа технологија, потребни се наставници кои знаат да инспирираат, ученици кои сакаат да учат и општество кое верува дека вложувањето во образованието е всушност вложување во сопствената иднина. Бидејќи иднината не се случува сама од себе, таа се создава – секој ден, во секоја училница.

 

Автор: насл. доц. д-р Сања Гацов,  

Катедра за педагогија на Факултет за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип