Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип бележи пораст од 28 отсто на бројот на пријавени кандидати во споредба со истиот период лани. На недела дена пред првиот уписен рок, веќе се регистрирани над 560 пријави, информираше ректорот проф. д-р Дејан Мираковски на денешната прес-конференција посветена на уписите за академската 2026/2027 година.
Првиот уписен рок ќе се реализира идната недела, односно на 19, 20 и 21 август. Прелиминарните резултати ќе бидат објавени на 26 август, додека запишувањето на примените кандидати ќе се одвива од 1 до 3 септември.
„Системот за пријавување е веќе отворен и активен. Студентите може да ги поднесуваат пријавите електронски, а документите физички ќе се примаат од 19 до 21 август. Нашите тимови се подготвени, а уписните документи ќе се примаат не само во Штип, туку и во Скопје и Струмица“, истакна ректорот Мираковски.
Слободни 3.341 места и фокус кон најбараните факултети
За новата академска година, Универзитетот нуди вкупно 3.341 слободно место на 12 факултети и три академии. Од нив, 1.692 места се во државната квота, 972 се наменети за студенти со кофинансирање, а 735 места се предвидени за вонредни студенти.
Според првичните податоци, најголем интерес стандардно се бележи на Факултетот за медицински науки, Факултетот за информатика, како и на Економскиот и Правниот факултет, но значителен интерес има и за техничките факултети.
Ослободување од партиципација и бесплатни студии по македонски јазик
УГД и оваа година продолжува со стипендирање на извонредноста. Најдобро рангираните кандидати во првиот уписен рок кои имаат над 80 поени ќе бидат ослободени од партиципација. Оваа мерка опфаќа десетици студенти на речиси сите факултети, вклучувајќи по 10 студенти на Факултет за медицински науки, Факултет за информатика, Земјоделски факултет, Економски факултет и Правен факултет, како и одредена квота за техничките факултети и уметничките академии.
Посебен акцент се става на негувањето на домашниот јазик.
„И оваа година на Филолошкиот факултет, на Групата за македонски јазик, ќе имаме целосно ослободување на студентите. Тие студираат бесплатно во сите четири години како директна поддршка за изучувањето на македонскиот јазик“, потенцираше Мираковски.
Приспособување кон пазарот на труд и европски дипломи
Одговарајќи на новинарски прашања, ректорот нагласи дека Универзитетот континуирано ги унапредува студиските програми во соработка со бизнис заедницата и стопанските комори, што резултира со висок процент на вработливост кај дипломираните студенти.
Дополнително, УГД интензивно работи на интернационализацијата. Во тек е изработка на заеднички студиски програми за двојни дипломи, наменети првично за вториот и третиот циклус на студии. Студентите на располагање имаат и над 200 можности за мобилност преку Европската универзитетска алијанса, како и соработка со околу 400 институции ширум Европа преку Еразмус плус програмата.
Вториот и третиот уписен рок се предвидени за септември, а новата учебна година традиционално стартува на 1 октомври.


