Search

УГД го објави конкурсот за упис на нови студенти – идните студенти веќе можат да се пријават електронски

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип го објави Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии за академската 2026/2027 година. Првиот уписен рок ќе се реализира на 19, 20 и 21 август, а системот за електронско пријавувње веќе е отворен каде идните студенти ќе можат електронски да ги поднесат своите пријави за запишување.

Според конкурсот, годинава на Универзитетот се предвидени 3.341 слободно место, од кои 1.629 се во државна квота, 972 места се за студенти со кофинансирање, а 735 места се за вонредни студенти.

Во првиот уписен рок роковите се следните:

  • Пријавување на кандидатите: 19, 20 и 21 август
  • Објавување прелиминарни резултати: 26 август
  • Приговори: 27 август
  • Објавување конечни решенија за прием: 31 август
  • Запишување на примените кандидати: 1, 2 и 3 септември.

 

Според конкурсот, бројот на вкупно слободни места по факултети е:

  • Правен факултет – 240
  • Економски факултет – 270
  • Факултет за образовни науки – 105
  • Филмска академија – 45
  • Музичка академија – 111
  • Ликовна академија – 15
  • Факултет за информатика – 470
  • Земјоделски факултет – 170
  • Факултет за природни и технички науки – 200
  • Машински факултет – 60
  • Факултет за медицински науки – 720
  • Филолошки факултет – 310
  • Факултет за туризам и бизнис логистика – 460
  • Електротехнички факултет – 80
  • Технолошко-технички факултет – 85.

Електронско пријавување

Пријавувањето веќе може да се врши онлајн преку системот https://eupisi.ugd.edu.mk, каде кандидатите ја пополнуваат електронската пријава, ги внесуваат податоците од средното образование и ги плаќаат трошоците за пријавување. По поднесувањето на електронската апликација, документите треба да се достават до соодветниот студиски центар (Штип, Скопје, Струмица, Кавадарци или Гевгелија), согласно термините објавени на веб-страницата на Универзитетот. Примените кандидати потоа се запишуваат електронски преку истиот систем.

Најдобрите кандидати се ослободени од партиципација

Универзитетот и годинава предвидува ослободување од плаќање партиципација за најуспешните кандидати кои ќе се запишат во првиот уписен рок, како редовни студенти во државна квота и со најмалку 80 поени.

Ослободување ќе добијат:

  • Факултет за медицински науки – 20 студенти (10 Општа медицина, 5 Фармација и 5 Дентална медицина);
  • Факултет за информатика – 10 студенти;
  • Земјоделски факултет – 10 студенти;
  • Факултет за природни и технички науки – 10 студенти;
  • Економски факултет – 10 студенти;
  • Правен факултет – 10 студенти;
  • Факултет за туризам и бизнис логистика – 10 студенти;
  • Електротехнички факултет – 5 студенти;
  • Машински факултет – 5 студенти;
  • Технолошко-технички факултет – 5 студенти;
  • Факултет за образовни науки – 5 студенти;
  • Музичка академија – 5 студенти;
  • Ликовна академија – 2 студенти;
  • Филмска академија – 2 студенти.

 

Дополнително, на Филолошкиот факултет сите студенти запишани на студиската програма Македонски јазик и книжевност се ослободуваат од партиципација, додека за останатите јазични насоки ослободување добиваат најдобрите рангирани кандидати според конкурсот.

Целосниот конкурс, сите услови за запишување, потребната документација, критериумите за рангирање и информациите за студиските програми се достапни на веб-страницата на Универзитетот https://www.ugd.edu.mk/upisi/prv-ciklus-studii/ .