На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип денес официјално започна првиот уписен рок за академската 2026/2027 година, кој ќе трае до петок, 21 август.
Кандидатите ќе можат да аплицираат за вкупно 3.341 слободно место, распоредени на 47 акредитирани студиски програми на 12 факултети и три академии.Од вкупната квота, 1.629 места се наменети за редовни студенти, додека останатите се за вонредни студии и за студенти со кофинансирање. Проректорот за настава, проф. д-р Сашо Коцевски, на денешната прес-конференција го појасни начинот на кој ќе се спроведува овој процес:
„Процесот на аплицирање се одвива во две фази. Имено, прво тие поднесуваат електронска апликација преку нашиот систем за електронски уписи, а потоа во вториот чекор ги носат своите документи во физичка форма и ги доставуваат на едно од уписните места на Универзитетот коишто се лоцирани во Штип на Правниот факултет, а имаме уписни места и во Струмица, Гевгелија, Кавадарци и во Скопје.“
Системот за електронски уписи бележи позитивни трендови и зголемен интерес кај матурантите уште пред официјалното отворање на физичките пунктови.
„Со задоволство можам да констатирам дека оваа година навистина имаме зголемен интерес за студирање на Универзитетот ‘Гоце Делчев’ во Штип. Стандардно најмногу интерес има на Факултетот за медицински науки. Имаме голем интерес и за општествените науки, пред сѐ за Економскиот и за Правниот факултет, за Факултетот за туризам и бизнис логистика, но интерес имаме и за техничките науки – тука предничат Факултетот за информатика и Факултетот за природни и технички науки“, истакна проректорот Коцевски.
Тој посебно го истакна и интересот за студиите по Македонски јазик и литература, кои се целосно субвенционирани од државата како насока од национален интерес.
За сите кандидати кои нема да успеат да аплицираат во овој период, Универзитетот организира втор уписен рок на 3 и 4 септември, како и трет уписен рок на 16 и 17 септември.
Клучни датуми за првиот уписен рок:
- 26 август: Објавување на прелиминарните резултати;
- 27 август: Поднесување приговори;
- 31 август: Објавување на конечните ранг-листи и решенија за прием;
- 1 – 3 септември: Упис на примените кандидати.
Во однос на странските студенти, проректорот појасни дека за нив важат истите рокови и критериуми, со претходна задолжителна нострификација на дипломите во Министерството за образование и наука, при што за оваа категорија се предвидени околу 30% од вкупните квоти.
На крајот од своето обраќање, проф. д-р Сашо Коцевски испрати порака до идната генерација студенти:
„Би сакал да им порачам на нашите идни студенти дека би требало да влезат во процесот на академско студирање од 1 октомври со голема волја, желба и елан, а во Универзитетот и во нашите професори ќе најдат вистински партнери коишто ќе им ги отворат лабораториите со најсовремена опрема, ќе им овозможат да учествуваат во квалитетни истражувања и меѓународни проекти, и ќе им дадат врвна едукација.“


