Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип го заврши првиот уписен рок за академската 2026/2027 потврдувајќи го високиот интерес кај матурантите од целата држава. Според првичните податоци, во првата уписна фаза, на студиските програми на македонски јазик пријави поднеле околу 1.150 кандидати, што претставува над 70 проценти од предвидената државна квота на Универзитетот.
Оваа бројка е јасен показател за континуираниот раст на довербата во образовниот процес, условите за студирање и современите капацитети што ги нуди УГД.
Останува и интересот за студирање на УГД на странските државјани, кои студираат на акредитираните студиски програми на англиски јазик. За запишување на овие студиски програми странските државјани мора најнапред да направат нострификација на своите дипломи стекнати во странство.
За успешниот тек на првиот уписен рок и остварените резултати проректорот за настава на УГД, проф. д-р Сашо Коцески, истакна:
– Можам да кажам дека успешно помина првиот уписен рок. Универзитетот „Гоце Делчев“ и оваа година останува атрактивен за голем број средношколци. Радува фактот што оваа година конкуренцијата е голема и имаме голем број на талентирани ученици и првенци на генерацијата, освојувачи на дипломи, награди и признанија. УГД на своите идни студенти ќе им овозможи одлични можности за студирање и научно усовршување, како и можности за мобилност и вмрежување преку Европската универзитетска алијанса ACE2EU и преку Еразмус+ програмата.
Најголем интерес за медицинските науки, зголемен интерес на сите факултети
– Како и изминатите години, традиционално најголем е интересот на Факултетот за медицински науки, каде што уште во првиот уписен рок целосно се пополнети предвидените места за студиските програми Општа медицина и Дентална медицина, а остануваат уште сосема мал број слободни места за Фармација – истакна проректорот Коцески.
Забележителен раст на пријави во овој уписен рок бележат и студиските програми од општествените науки – пред сè Економскиот факултет и Правниот факултет, Факултетот за туризам и бизнис логистика, како и техничките науки предводени од Факултетот за информатика и Факултетот за природни и технички науки. Позитивен тренд и стабилен интерес има и за студиите по Македонски јазик и литература.
Клучни датуми од првиот уписен рок
Кандидатите кои веќе ги поднесоа своите документи треба да ги следат следните рокови од конкурсниот календар:
- 26 август: Објавување на прелиминарните резултати;
- 27 август: Поднесување приговори на прелиминарните резултати;
- 31 август: Објавување на конечните ранг-листи и решенија за прием;
- 1 – 3 септември: Запишување на примените кандидати.
Втор уписен рок:
- 3 и 4 септември: Пријавување на кандидатите (електронски и со физичка достава на документи);
- 11 септември: Објавување на прелиминарните резултати;
- 14 септември: Приговори на прелиминарните резултати;
- 15 септември: Објавување на конечното решение за прием;
- 16 и 17 септември: Запишување на кандидатите.
Трет уписен рок:
- 16 и 17 септември: Пријавување на кандидатите;
- 23 септември: Објавување на прелиминарните резултати;
- 24 септември: Приговори на прелиминарните резултати;
- 25 септември: Објавување на конечното решение за прием;
- 28 и 29 септември: Запишување на кандидатите.
Пријавувањето за следните рокови продолжува преку онлајн системот за уписи (eupisi.ugd.edu.mk), по што документите во физичка форма може да се доставуваат во уписните пунктови во Штип, Скопје, Струмица, Кавадарци и во Гевгелија.


