Стефан Спасов од Факултетот за природни и технички науки и Тамара Атанасова од Факултетот за информатика се студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип кои годинава се меѓу добитниците на највисокото признание за млади инженери во државата – „Инженерски прстен 2026“.
Свеченото доделување, кое традиционално се одржува по 23. пат, ќе се одржи на 4 септември 2026 година (петок), со почеток во 11:00 часот, на платото пред црквата „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид. На манифестацијата ќе бидат наградени вкупно 14 најдобри дипломирани инженери од сите универзитети во Македонија, а на присутните ќе им се обратат претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Инженерската институција на Македонија, Андреј Лепавцов, и претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Дејан Метикош.
Меѓу овогодишните лауреати е и Стефан Спасов, дипломиран инженер на насоката Дизајн на ентериер и мебел на Факултетот за природни и технички науки при УГД, кој веќе го продолжи своето образование на вториот циклус студии на истата катедра.
„Оваа награда е големо признание за трудот и посветеноста што ги имам вложено низ годините на студирање. Истовремено, таа е поттик и потсетник за одговорноста што ја имаме како млади инженери за иднината – дека треба постојано да создаваме нови вредности и непрекинато да се надградуваме во нашата сфера“, истакна Спасов.
Целиот разговор со Стефан Спасов за процесот на студирање на УГД, фриленс проектите и неговите идни кариерни планови погледнете го во видео-интервјуто во продолжение.
Признанието „Инженерски прстен“ останува клучна платформа која го афирмира знаењето, стручноста и посветеноста на младите инженери, давајќи им силен ветер во грб за нивниот понатамошен придонес во инженерската професија и општеството. Универзитетот „Гоце Делчев“ им честита на Стефан Спасов и Тамара Атанасова за постигнатиот успех и им посакува уште поголеми достигнувања во нивната идна кариера.


