Search

Практична работа и развивање на креативност: студентите од УГД на Flavour School во Латвија

Споделете

Ангела Смилковска, Мартин Зарков, Елена Теовска, Ана Марија Митева и Василија Смилкова, студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, учествуваа во програмата The Flavour School – Urban Future Public Space LAB: Art, Design and Technology for People, која се одржа во Рига, Латвија.

Програмата им овозможи на студентите да работат на реални предизвици поврзани со уметноста, дизајнот, технологијата и јавниот простор, при што идеите ги развиваа со учесници од различни студиски области и европски универзитети.

За Ангела Смилковска, особено значајна била можноста да излезе од рамките на својата примарна област на студирање и да се запознае со поинакви перспективи.

„Преку тимската работа со студенти од различни земји, размената на идеи и практичната изработка на заеднички проект, стекнав нови вештини, различни перспективи и прекрасни меѓународни познанства. Ми беше драго што имав можност да го претставам УГД како дел од една ваква меѓународна иницијатива“, споделува Ангела.

Еден од резултатите од работата биле идеи за Light Festival во Рига – СТАРОРИГА, при што студентите ја искористиле архитектурата на градот како инспирација за создавање уметнички интервенции.

„Искуството ми беше нешто многу повеќе од обична недела на кампус. Од нешто што го видовме во живо успеавме да создадеме идеја што постепено доби своја форма и потенцијал да стане вистинска уметничка интервенција во градот“, вели Елена Теовска.

Покрај работата на проектите, студентите имаа можност да ја запознаат Рига, нејзината локална култура и начинот на живот во Латвија.

„Работевме заедно со студенти и професори од различни европски универзитети на реални предизвици преку тимска работа. Покрај работниот дел, имавме можност подобро да ја запознаеме Рига, локалната култура и начинот на живот во Латвија“, вели Мартин Зарков.

Искуството во Рига покажа како ваквите меѓународни програми можат да го дополнат образованието стекнато на УГД со практична работа, креативен пристап и нови перспективи, кои студентите можат да ги применат во нивниот понатамошен академски и професионален развој.