Search

УГД е домаќин на интернационалниот BIP проект: Уметноста и кореографијата во служба на социјалната трансформација

Споделете

ШТИП — Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип официјално го започна одржувањето на физичката мобилност од Комбинираната интензивна програма (Blended Intensive Programme – BIP), насловена како „Уметноста и кореографијата како алатка за социјална трансформација“.

Програмата, која се одвива во рамките на европската алијанса ACE²-EU, трае од 31 август до 4 септември 2026 година и обединува околу 17 студенти и ментори од повеќе европски универзитети.

Проектот го координира УГД (преку Филмска академија и Ликовна академија), во соработка со Universidad Francisco de Vitoria од Шпанија и Латвиската академија за култура (LAC) од Латвија. Главна истражувачка база за студентите се сведоштвата и архивските материјали за работничките права обезбедени од здружението КУЦ „Текстил“, кои преку меѓудисциплинарен пристап се преточуваат во апстрактни уметнички сегменти, движење и визуелна уметност.

Како што истакнаа организаторите, оваа интензивна недела е исполнета со практична работа и менторски работилници каде што студентите од различни универзитети на алијансата заеднички го подготвуваат финалниот концепт. Гостите професори и студенти од Латвиската академија изразија големо возбудување за учеството, истакнувајќи дека ова е одлична можност за меѓусебна соработка, размена на искуства и стекнување нови познанства.

Целиот процес ќе заокружи со завршен јавен настан — перформанс-инсталација во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, кој ќе се одржи во петок (4 септември). Публиката ќе има можност директно да се соочи со прашањата за работничките права низ младешката уметничка визија на овој интернационален ансамбл. Студентите кои успешно ќе ја завршат програмата стекнуваат 3 ЕКТС-кредити и практично искуство во доменот на уметничкиот активизам.